Промовирани огласи »

Најголемата германска банка, „Дојче банк“ (Deutsche Bank) со цела рекламна страница во весниците се извини за своите неправилности во работата, што компанијата ја чинеа загуби во милијарди евра, пренесоа американските медиуми.

Извинувањето, потпишано од главниот извршен директор, Џон Крајон, се појави во саботните изданија на германските весници, вклучувајќи ги и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и минхенски „Зиддојче цајтунг“.

Банката признава дека нејзиното однесување во минатото „не само што не чинеше пари, туку и нашата репутација и доверба“.

Во текот на декември минатата година „Дојче банк“ во вонсудска спогодба со американското Министерство за правда прифати да исплати 7,2 милијарди долари заради договори со нетранспарентни обврзници, гарантирани со хипотекарните заеми од 2005-2007 година. Загубите со таквите хартии од вредност придонесоа за избувнување на светската финансиска криза, потсетуваат американските медиуми.

Другите случаи на прекршувања на работењето на банката ги вклучува манипулациите со водечките каматни индекси и перењето пари, поврзани со Русија.

Во платената рекламна порака компанијата вети дека: „Ние во управниот комитет и раководството на банката ќе направиме се што е во наши сили за да го спречиме повторувањето на ваквите случаи“

Промовирани огласи »

Инженери од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија дебатираа за поголемо вреднување на трудот и признавање на овластувањата, на состанокот на Инженерската иницијатива за регионална соработка (ИИРС), чиј домаќин во изминатите три дена беше Македонската комора на овластени архитекти и инженери. 

Инженерите од шесте држави, преку своите инженерски комори, работат на шест заеднички проекти од интерес на инженерската струка, а македонската комора го води проектот за инженерските образовни квалификации и признавање на овластувањата помеѓу земјите членки на ИИРС.

На средбата особен акцент е ставен на утврдување на модалитетите на дефинирање на пазарната вредност на инженерскиот труд, подобрување на процесите на јавни набавки на инженерски услуги. Промовиран е и нов проект раководен од македонската Комора на овластени архитекти и инженери за проблемот во земјите од регионот од масовната емиграција на инженерската интелигенција во изминатите две декади.

Миле Димитровски, претседател на Управниот одбор на македонската Комора, информира дека во изминатите шест години Комората прифатила и потврдила 435 странски овластувања од 21 држава со кое го помага процесот на развој на градителството во државата. Истовремено, истакна Димитровски, македонски инженери имаат можност да добијат потврда на своите овластувања во сите членки на Регионалната иницијатива, да работат и да ги зголемат своите вештини преку работа на големи проекти во странство.

Според координаторот на Иницијативата Мирко Орешковиќ, соработката меѓу коморите од регионот, од кои три се во земји членки на ЕУ (Словенија, Бугарија и Хрватска) и другите се во процес на прием, е одлична можност да се создадат услови за мобилност на инженерите и усогласувење на вештините во инженерската струка.

ИИРС е формирана во 2011 година во Црна Гора. Одржува состаноци на секои шест месеци кај секоја од земјите членки. 

Промовирани огласи »

Нови избори би биле голем удар за стопанството. Во таков случај ќе продолжиме со стагнација, дури и регрес на планираниот економски раст, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Битиќи, кои се директните последици од политичката криза, која трае предолго, врз економијата, во која најмногу засегнат е бизнис секторот, зашто на бизнисот му е потребна стабилна и мирна политичка клима, која, за жал, по изборите се уште ја нема?

За жал има директна последица, а тоа е стагнацијата на економскиот раст, којашто сите очигледно ја гледаме. Ние како Стопанска комора на северозападна Македонија веќе на неколку пати сме кажале дека таквата политичка криза директно ќе влијае. Изминатата година ја завршуваме веројатно со рекордно најниско ниво на економски раст, а од друга страна самото стопанство, самите бизниси сè уште продолжуваат да имаат проблеми со ликвидност, со тековното работење, со неподмирување на тековните обврски, овде вклучувајќи ги државните институции, а и раскинување на договори или ставање на некои договори во стагнација, затоа што не можат да ги спроведат поради потешкотиите во нивното спроведување.

Може ли политичари кои се осомничени за криминал и корупција, кои беа обелоденети со „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата, да ја компромитираат економијата создавајќи нелојална конкуренција и други проблеми и може ли бизнис секторот да се избори против тоа?

Главните принципи што ние ги бараме од следната влада се транспарентност и отчетност, а второ е владеење на правото. Владеење на правото затоа што сметаме дека тоа ќе обезбеди функционалност на сите институции, на различните нивоа, ќе осигура праведно и афирмативно спроведување на закони, што е неопходно за едно стопанство. Овде нема да навлегувам дали истите луѓе тоа да го направат, но сметам дека ако постигнеме соодветно владеење на правото, дека тоа е единствениот излез на Македонија од оваа политичка криза.

Целото интервју можете да го видите во видеото на РСЕ подолу:

Промовирани огласи »

Македонија со национален штад ќе се претстави на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“ што ќе се одржи од утре до 10 февруари во  Москва.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-руската стопанска комора (МРСК) и со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како што соопшти МРСК, на овој настан од областа на производството и пласманот на стока за широка потрошувачка, своите производи ќе ги изложат  винариите „Стоби“ од Градско, „Далвина“ од Струмица и „Кралската винарија“ од Демир Капија, производителите на сирење и кашкавал „Здравје“ од Радово и „Осогово милк“ од Кочани, како и  производителот на конзервиран зеленчук и овошје „Вори“ од Гевгелија.

Македонско-руската стопанска комора го организира и самостојниот настап на „Кадино индустри груп“, кој првпат со сопствен штанд ќе ги претстави своите мелнички производи и свежо замрзнати тестенини.

На националниот штанд на 56 метри квадратни руските увозници и дистрибутери, трговските ланци и најголемите маркети, како и  другите деловни луѓе и бројните посетители, ќе можат да се сретнат со вкусовите на квалитетната македонска храна и врвни вина. Македонско-руската стопанска комора по осми пат, а со државната поддршка, шести пат, го организира презентирањето на македонската прехранбена и индустријата на пијалоци, микс што маркетиншки влијае на зголемување на пласманот на македонските стоки на овој голем пазар - вели извршниот директор на МРСК Дејан Бешлиев.

Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2017“ на 100.000 метри квадратни ќе се претстават преку 2.000 компании од 57 земји со 27 национални штанда, меѓу кои и македонскиот. Големата саемска манифестација повеќе децении по ред се одржува под патронат на Трговско-индустриската комора на Руската Федерација и со поддршка на државното Министерство за земјоделство и Управата на градот Москва. 

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »