Ќе има мерки и казни против оние фирми кои ја злоупотребуваат ситуацијата со енергетската криза. Ја следиме состојбата на терен со цените и на енергенсите и на основните прехранбени производи откако ќе биде усвоен ребалансот на Буџетот во Собранието ние како Министерство за економија веќе работиме на дизајнирање на мерки за поддршка кои ќе бидат насочени кан најранливите категории на граѓани со ниски приходи, кажа министерот за економија, Крешник Бектеши во денешното гостување во Студио 1 на Телевизија 24.
Министерот Бектеши потенцираше дека не очекува тешка зима во делот на енергенсите не само во Северна Македонија туку и во целиот регион, но кажа дека се прават сите подготовки од сите институции се со цел да се обезбеди што повеќе количини од домашното производство на електрична енергија и да имаме во континуитет и снабдувње со природен гас.
Тие подготовки се прават, ја следиме ситуацијата и сега со ребалансот на Буџетот од страна на Министерството за финансии и од Министерството за економија почнаа да се дизајнират мерките кои ќе бидат насочени кон најранливите категории на граѓани со ниски приходи. Очекуваме во наредниот период да паде цената на пченицата и на сончогледот поради новата жетва, како и на цените на производите поврзани со овие култури да се намалат за најмалку 20%. Но, доколку продолжи трендот на намалување на цените на суровините, а при тоа нема намалување на цените во преработката и трговијата, тогаш Владата ќе мора да интервенира.Тогаш ние согласно Законот за трговија ќе предложиме пред Владата одредени мерки како замзнување на цените или на маржите, се со цел да нема злоупотреби на грбот на потрошувачите. Компаниите ова го знаат затоа што ние на дневна основа ги следиме податоците – кажа министерот Бектеши.
Во делот на злоупотребите на електричната енергија и новиот тарифен модел за цената на струјата министерот Бектеши потенцираше дека веќе се разгледуваат мерки и казни за компаниите кои го злоупотребуваат системот и ситуацијата со енергетската криза на сметка на граѓаните.
Во координација со Регулаторната комисија за енергетика побарав листа на фирми до Управата за јавни приходи и надлежните институции зошто тоа е кривично дело. Имавме примери на злоупотреба на одредбата од Законот за енергетика од страна на општините, тоа го направија и одредени цркви и џамии и големи компании со над 600 вработени и кои имааат ланци на маркети. Тие ја префрлуваат обврската за плаќање на струјата на новоотворена компанија која има под 50 вработени или претходната година имала приходи помали од 2 милиони евра – кажа министерот.
За снабдувањето со топлинска енергија во Градот Скопје откако Регулаторната комисија за енергетика ги одзема лиценците на БЕГ, министерот Бектеши потенцираше дека во наредниот период ќе биде објавен јавен повик за избор на компанија која што ќе ја превземе обврската за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
Градот Скопје има формирано ваква компанија, но оттаму најавија дека нема да се пријават да ја превземат обврската која што ја имаат според Закон. Ако не се пријави ниту една компанија тогаш АД ЕСМ ќе ја превземе оваа обврска – кажа министерот Бектеши.