Новиот сопственик на „Твитер“, Илон Маск, преку мејл на вработените во компанијата им нагласил дека работата од дома веќе нема да биде дозволена, и оти од нив се очекува да бидат во канцеларија најмалку 40 часови неделно, пренесува „Блумберг“. Ваквиот ултиматум на милијардерот потсетува на слично барање до вработените во неговата фабрика за електрични автомобили „Тесла“ упатено во јуни, но и на практиките во „Спејс екс“, каде што инсистира на 40 работни часа неделно поминати во канцеларија.
Претходното раководство на „Твитер“ им порача на вработените дека можат да се вратат во канцеларија кога ќе посакаат, кога повторно ги отвори службените простории во март. Маск исто така им порачал на вработените дека сака половина од приходите на „Твитер“ да дојдат од претплата.
Маск, претходно побарал од вработените во „Тесла“ да се вратат во канцеларија или да ја напуштат компанијата за производство на електрични автомобили, според службен мејл во кој имал увид „Ројтерс“ во јуни.
Задолжително е сите во „Тесла“ да поминат во канцеларија минимум од 40 часа неделно. Ако не се појавите, ќе сметаме дека сте дале отказ – напишал Маск во тогашната порака.
Тој напоменал дека колку повисока функција извршуваат вработените, толку повидливо ќе биде нивното присуство.
Токму затоа јас живеев во фабриката во толку голема мера, за работниците на лентата да ме видат како работам покрај нив. Да не го сторев тоа, „Тесла“ ќе банкротираше – порачал Маск.
Дел од вработените во „Тесла“ тогаш изразиле незадоволство од последните коментари на Маск.
Ако дојде до масовен егзодус, како ќе завршат проектите на „Тесла“. Мислам дека инвеститорите не би биле среќни – вели еден вработен, додека друг навел дека очекува Маск набргу да го смени ставот.
Големите технолошки фирми во Силиконската долина не бараат од вработените да се вратат со полно работно време во канцеларија, поради отпорот на дел од вработените и зголемувањето на бројот на случаи на коронавирус во американската сојузна држава Калифорнија. Седиштето на „Тесла“ е во Остин, во сојузната држава Тексас, но една од фабриките се наоѓа во Сан Франциско, во Калифорнија.