Загревањето на домовите со топлинска енергија произведена од когенеративни постројки е значително поефикасно решение за Скопје. Споредено со сега, кога голем дел од топлината се произведува од „Исток“ и „Запад“, топлани кои од повеќе причини се помалку ефикасни.
За да се подобри состојбата во енергетскиот сектор, да се намали зависноста од увоз, но и да се обезбеди можност за проширување на мрежата со парно во Скопје, како и пониски цени за граѓаните, ќе се гради нова гасна когенеративна постројка. Стратешки инвеститор во овој проект е меѓународната компанија „Митилинеос“, чии што досега изградени проекти се со вкупен капацитет од 14.000 мегавати. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во интервју за „Слободен печат“,потврдува дека на земјава ѝ се потребни сериозни инвестиции во енергетиката.
Јавно предлагам, истите услови, истата формула што важи и за „Митилинеос“, да важи за македонски компании, а и за нашата државна ЕСМ ако сака да гради. Јас ќе побарам и средба со Стопанската комора за да се договориме – каде ни требаат когенеративни постројки, колку треба да поставиме дополнителен капацитет.
Само за две години ние имаме 5.000 нови станбени објекти што се приклучени на системот на топлинска енергија. Потоа, топлинска енергија може да се даде на некои индустриски капацитети што имаат потреба. Може да се даде на земјоделски капацитети за раноградинарско производство, каде што се греат на дрва или мазут, па прават загадување. Значи, има потреба од дополнителен капацитет. Доаѓаат две реномирани компании што се појавуваат и на сериозни берзи во светот. Да дадеме можност во Македонија да има нови инвестиции – вели Бислимоски.
Освен што може да донесе заштеди за домаќинствата, приклучувањето на повеќе домови во системот на парно во Скопје ќе помогне да се намали загадувањето. Моментно, согорувањето биомаса, односно загревањето на домовите со дрва, е најголемиот засебен извор на загадување на воздухот во Скопје. Ова го потврди извештајот од научното истражување на лабораторијата AMBICON.UGD и Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.
Студијата беше објавена во научното списание Environmental Modeling & Assessment. Во текот на истражувањето, кое што траело цела година, били следено нивото на најситните, ПМ 2.5 честички, во воздухот. На две локации во Скопје, за 32 отсто (Ново Лисиче) и за 33 проценти (Карпош) од загадувањето причината било согорувањето биомаса. Овие вредности се просечни и се однесуваат за целата година, но ако се има предвид дека загревањето со дрва е сезонско, тој обем е уште поголем во зимските месеци, заклучуваат истражувачите.