Шеесет и едногодишна жена од Скопје го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и стана највозрасната прворотка во земјава. Мајката и бебето се во стабилна општа состојба, а бебето било зачнато со ин витро постапка.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, доктор Ирена Алексиоска Папестиев, рече дека ова е доказ дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека македонската медицина може да се мери со онаа во светот. Жената имала 10 ин-витро интервенции и 10 спонтани абортуси досега, но сонот да стане мајка ѝ се оствари.
Бебето Петар на свет го донесе највозрасната пациентка во нашата држава. Оваа пациентка е првата што забременила со сопствена јајце-клетка, којашто била криопрезервирана (замрзната), која добила инвитро третман во нашата држава, целата бременост ѝ била следена во нашата држава и раѓањето е завршено на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
Кај пациентката направивме царски рез во 36-та гестациска недела и таа роди плод, Петар тежок 2 килограми и 350 грама и долг 48 сантиметри, рече директорката на ГАК, доктор Алексиоска Папестиев.
Оперативниот тек поминал уредно. Во текот на своето акушерско минато, оваа мајка херој имала богато гинеколошко и акушерско минато. Пациентката имала три претходни интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и шеќерна болест, но сè поминало во најдобар ред.
Според Гинисовата книга на рекорди, најстарата прворотка во светот е Марија дел Кармен Бусада Лара од Шпанија (родена во 1940 година) која се породила со царски рез и родила близнаци – на 66-годишна возраст во Барселона, Шпанија, на 29 декември 2006 година. Таа добила ин витро во Америка, давајќи лажна информација дека има 55 години, откако била одбиена за ин витро во Шпанија. Неофицијално пак, надвор од статистиките на Гинисовата книга на рекорди, 70-годишна жена од Уганда се породила со близнаци, објави Би-би-си на крајот од 2023 година.