Најавениот попис во 2020 најверојатно нема да содржи прашања за верска и етничка припадност, а тоа го најавува Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика во гостувањето во 1ТВ. Неофицијално, поради оваа причина пропадна претходниот обид за попис во 2011-та и сега оваа техничка операција на национално ниво не е извршена веќе 18 години.

Симовски смета дека во пописот не треба да влезат прашањата за етничка и верска припадност, коишто не ги пропишуваат ниту стандардите на ОН.
Пописот стана поле од голем интерес за политиката. Пописот од 2011 пропадна токму поради мешањето на политиката, а единственото за што е заинтересирана политиката е токму етничката припадност. Овој податок нема никаква употребна вредност освен политичката, вели Симовски и додава дека од тоа не зависи ниту економијата, ниту инфраструктурата, ниту образованието.
Според него, најдобар начин да се тргне политиката од пописот е да се исклучат овие две прашања и дека во суштина, прашањето не е поврзано со етничката припадност туку со јазикот.
Симовски вели дека изминатите 18 години без попис ја оставија државата без можност да носи квалитетни политики за подобрување на условите за живот и правење грешки поради стари податоци.
Ако имате желба да инвестирате во некоја стопанска гранка, ќе ви бидат потребни информации за расположливата работна сила, за населението како потрошувачи, можности за комуникација. Веројатно и малиот број на инвестиции се должи меѓу другото и на овој факт, објаснува Симовски.
Купените лап-топ компјутери за извршувањето на операцијата, штом таа заврши, ќе бидат донирани на училиштата.