Промовирани огласи »

Загрижени родители поднеле предлог до „Меѓаши“ за поставување безбедносни камери, особено револтирани по случајот во гевгелиската градинка.

Денеска упативме до Министерството за труд и социјална политика писмо врз основа на иницијатива на граѓаните да ни дадат инфомрации дали размислуваат за воведување на една ваква алатка каде што родителите веќе пројавуваат одредена загриженост и недоверба во однос на институциите каде што децата им се доверени на чување, воспитување и згрижување, вели Драги Змијанац, Директор на прва детска амбасада „Меѓаши“.

Оттаму сметаат дека кога се вработуваат воспитувачи и негуватели треба да се воведат и построги критериуми, бидејќи се работи за професија со исклучителна одговорност.

До Министерството за труд и социјална политика, во последниве 3 години пристигнале 11 поплаки за воспитувачи од државните градинки, во кои родителите се пожалиле на несоодветен однос кон децата.

Промовирани огласи »

Околу десет илјади граѓани има опасност да останат без матични лекари. Причината е што матичните лекари заминувале или наскоро заминунваат во пензија, а Здравствен дом Скопје не распишува тендер за концесионери.

За краток временски период од две поликлиники во Скопје три матични доктори заминаа во пензија. Најдоцна за шест месеци заминува уште еден матичен лекар. Притоа двајца матични се од една општина Ѓорче Петров, а имале околу седум илјади пациенти. За да не се дојде во ситуација околу десет илјади граѓани да останат без здравствена заштита треба да се почитува Законот за здравствена заштита.

Законот предвидува постапка за доделување на концесија за некој да ја врши дејноста матичен лекар да започне три месеци пред денот на заминување во пензија на матичниот лекар. Во конкретниов случај директорот на Здравствен дом Скопје и управниот одбор на оваа институција требало да следат кој и кога заминува во пензија и управниот одбор да донесе одлука за тендер за концесионери или закупувачи.

Надлежните мора да ја следат ситуацијата зошто според податоците што ги имаме наскоро ќе заминуваат во пензија уште матични лекари и тоа со навршени 67 години, односно со искористено и продолжување, коментираат извори упатени во здравствениот свет.

Сепак дел од здравствените работници велат дека не е баш така едноставно кога се применува законот, а причина е човечкиот фактор.

За да се почне процедура за распишување оглас за нов концесионер, треба известување и потврда од матичниот лекар. Додека тој не ја извести управата на Здравствен Скопје не може да одлучува Управниот одбор, а откако ќе биде извествен се праќа допис до министерство. Значи прво одобрува министерството, потоа Здравствен дом објавува оглас. Често матичните не известуваат во последен момент, затоа настануваат вакви празнини граѓаните да остануваат без матични лекари, велат упатените.

Дополнително коментарите се дека ова е уште еден показател дека треба да се има стратегија како да се задржат младите лекари во државава. И додека надлежните не ја следат ситуацијата страдаат граѓаните, остануваат без основната здравствена заштита.

Промовирани огласи »

Министерството за финансии и Управата за јавни приходи одржаа состанок со Македонската банкарска асоцијација во врска со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките, на којшто било договорено прецизирање на текстот што ќе се имплементира во новиот текст на Законот, соопшти Министерството за финансии.

Од Кабинетот на министерот велат дека Управата и со постоечкиот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање, па со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, а за другите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање.

Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не ѝ се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава. Податоците што ќе ги добива УЈП ќе бидат ‘енкриптирани’ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните. Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени во Законот за Управата за јавни приходи. Промените ќе стапат во сила од почетокот на 2019 година бидејќи истите се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава, соопшти Министерството.

Со ова, тврди Министерството, како и во најголем дел од европските земји граѓаните ќе се ослободат од пополнување на годишната даночна пријава.

Нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход, се вели во соопштението на Министерството.

Понатаму се додава дека УЈП и Македонската банкарска асоцијација ќе ја продолжат соработката со цел успешно да се имплементира законот.

Промовирани огласи »

Познато по високите температури, убавото време, годишните одмори и омилените патувања, летото е период од годината кој сите со нетрпение го очекуваме. Оваа година имаме малку поинакво, нетипично лето, со променливо време, многу врнежи и променливи температури. Во вакви временски услови, возењето е отежнато, специфично и иако се работи за лето, условите се посебни и бараат посебен начин на возење.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува добро да се подготвите пред да тргнете на пат. Одморете се добро, проверете ја техничката исправност на возилото, проверете ги гумите, проверете го притисокот на воздухот во нив, проверете ги бришачите затоа што во услови на дожд и лошо време ќе ви бидат повеќе од потребни. Проверете ги светлата, маслото во моторот и најважно од сѐ, проверете ја временската прогноза за денот кога планирате да патувате.

Доколку во текот на патувањето времето е облачно и тмурно со некој зрак сонце, препорачливо е да носите со вас очила за сонце за да не го напрегате видот, односно за да не се заморите прерано.

Доколку, пак, за време на патувањето ве фати невреме проследено со обилни врнежи од дожд, грмотевици и ветер, тогаш задолжително следете ги следниве совети:

Забавете. Намалете ја брзината на движење за 10 или 20 км/ч. При поголеми брзини, автомобилот го губи контатктот со подлогата, се подига од патот и се однесува како да скија на водатата. Ако се случи тоа, не паничете! Единствено што треба да направите е да забавите до онаа брзина кога автомобилот ќе го чувствувате нормално.

Избегнувајте возење низ поплавени делови (улици, области).Проблемот ќе настане кога нема да можете да ја процените добро длабочината на водата и таа ќе навлезе длабоко во вентилот за довод на воздух, а потоа и во моторот и автомобилот ќе изгасне.

Ослободете ги сопирачките откако ќе поминете низ вода (вир, бара).Тргнете го стапалото од педалата за гас. Ова создава топлина и триење што помага да се исушат сопирачките.

Запрете. Кога дождот е многу силен и видливоста преку ветробранското стакло е намалена до 50 метри – запрете! Тргнете се на страна и почекајте да се намали интензитетот на врнење.

Многупати, и покрај тоа што сте ги примениле сите совети за возење во услови на дожд, сепак може да настане проблем со возилото и да останете дефект на патот. Во тој случај, РСБСП ви советува:

Осигурајте се дека автомобилот е надвор од сообраќај на патот. Тргнете го на страна и вклучете ги трепкачите. Обезбедете ја околината со траголник или со конуси. Внимавајте тие да бидат поставени на содветно и пропишано растојание.

Не излегувајте од возилото. Побарајте помош и почекајте во возилото. Доколку сакате сами да се соочите со проблемот на возилото, почекајте да престане врнењето, облечете рефлектирачки елек и бидете внимателни.

Условите за возење, особено во лето, се менуваат многу брзо. После дождот се појавува сонцето, водата испарува и се јавува нов проблем за возачите - магла. Иако оваа магла не е толку густа и опасна како маглата во зима, сепак бидете претпазливи, вклучете ги магленките на време и намалете ја брзината пред да навлезете во маглата. Ова ќе ги предупреди и другите возачи да ја намалат брзината. Особено бидете внимателни кога возите по угорнина, рид или планинско место. Намалете ја брзината пред да почнете да го качувате ридот. Можноста да има запрен автомобил, одрон на карпа или колона возила е голема, а поради маглата нема да имате можност да ги видите на време. 

Внимателното возење е клучно за безбедноста на секој учесник  во сообраќајот, а одговорноста при возењето е одлика на карактерот на секој возач и придонесува за безбедно одвивање на сообраќајот.

Од РСБСП повторно со апел: „Почитувајте го сообраќајот, почитувајте ги правилата и прописите, не ги занемарувајте временските услови, предупредувањата од метеоролозите и моменталните услови на патот. Возете внимателно, бидете одговорен возач.“

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »