Министерството за труд и социјална политика работи на реформи на постигнување оддржливост на пензискиот систем, но нема да има зголемување на старосната граница за одење во пензија, велат од таму за МИА:
Иако неодамна имаше информации дека бизнис-заедницата ќе бара зголемување на старосната граница за пензионирање, од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека не размислуваат за таква мерка.
Министерството за труд и социјална политика не размислува да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа. Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет-мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање, велат од Министерството.
За годинава е предвидено алоцирање дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на правото на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот врз основа на невработеност.
Ако се погледнат податоците од Фондот за ПИОМ, на пример, во 2011 година изворни биле 61,5 отсто од приходите, во кои најголем дел отпаѓале на придонесите, а 35,7 отсто биле директна поддршка од буџетот. Тогаш вкупните приходи биле приближно 44 милијарди денари. За разлика од тогаш, податоците на ПИОМ покажуваат дека во 2017 година, изворни приходи на Фондот биле 54,52 отсто, а тој се надополнува со 43,57 отсто средства од буџетот. Висината на приходите лани била 65 милијарди денари.
Споредените години, според податоците на Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека во 2011 година имало околу 642 илјади вработени лица, а во 2017 околу 730 илјади вработени. Податоците на ПИОМ покажуваат дека во 2011 година има 281 илјада корисници на пензии, а 2017 година 312.398 корисници на пензија.