Се зголемува бројот на заболени од морбили, досега потврдени два смртни случаи, но уште неколку деца се со компликации. Има ли опасност за поголемa епидемија со лош исход. Граѓаните, дури и тие кои ги вакцинирале децата се во паника, останатите се мислат како да се заштитат и самите.
Моментно на Клиниката за инфективни болести има 25 хоспитализирани лица, но се прегледуваат и се задржуваат деца и на детската клиника. Загрижува што од вкупно 11 илјади невакцинирани деца на предучилишна возраст, досега се вакцинирани само 6.128 деца.
Инаку според последните информации се подаготвуваат респиратори за уште неколку деца на детската клиника. Последниот смртен случај беше потврден вчера, а стануваше збор за 13 месечно бебе од Свети Николе, кое почина како последица на компликации од морбили. Бебето заразата ја префатило од неговиот татко, кој од морбили се разболел пред околу две до три недели.
Бебето од Свети Николе е втора жртва на морбилите, откако пред неколку дена битката ја изгуби и шестмесечно бебе од Куманово.