Промовирани огласи »

Македонските возачи со просечната плата тешко може да си дозволат да купат нов автомобил. Најевтините модели чинат нешто помалку до 10.000 евра и тоа со доста сиромашен пакет дополнителна опрама, без клима и радио.

Тоа е вообичаено мал автомобил без многу простор за патници и багаж и со ниска кубикажа. За возило од средна класа треба да се одвојат од 15.000 до 18.000 евра или да се земе кредит чија месечна рата нема да биде под 200 евра, сума која тешко кој може да ја исплаќа со просечна плата.

Токму ова покажува зошто кај нас се најпопуларни половните возила по цена од 3.000 до 5.000 евра, кои најчесто се увезуваат од Германија, Италија, но и од други европски земји. Статистиката покажува дека од странство во нашата земја во последниве неколку години влегуваат и до 30.000 користени возила, додека во исто време се увезуваат едвај 4.000 нови автомобили. Драстичниот пад во продажбата најдобро го илустрира споредбата со рекордната 2008 година кога авто- дилерите истргувале 17.744 нови возила.

Трендот на раст на увоз на половни возила продолжува и годинава. Така од јануари до март годинава се увезени вкупно 6.458 половни автомобили, што е за 1.710 коли повеќе споредено со истиот период лани кога во земјава биле увезени 4.748 вакви автомобили. Речиси незначителен е растот кај увозот на нови автомобили. Во првиот картал се увезени вкупно 1.371 нови автомобли, додека во истиот период лани увозот бил 1.294 нови коли.

Статистиката на Царинската управа пак покажува дека е намален увозот на нови товарни возила, односно од почетокот на годинава биле увезени вкупно 146, додека во истиот период лани биле увезени 178 нови товарни возила. На сметка на тоа за повеќе од 100 е зголемен увозот на употребувани товарни возила. Од јануари до март се увезени вкупно 588 стари товарни возила, додека во истиот период лани увозот бил 478 возила.

Од почетокот на годината е увезен само еден нов автобус, додека лани во истиот период не бил увезен ниту еден, а драстичен раст има кај увозот на употребувани автобуси. Од почетокот на годината се увезени вкупно 58 половни автобуси, додека истиот период лани 36.

Промовирани огласи »

Од почетокот на 2020 година, цената на криптовалутата  значително се зголеми како резултат на влошените односи меѓу САД и Иран. Инвеститорите веруваат дека биткоинот и сличните криптовалути можат да бидат „безбедно засолниште“ за нивните средства во бурни времиња и глобални превирања.

Според аналитичарите, во 2020 година динамиката на девизниот курс ќе биде под влијание на промените во правилата за „рударство“ на криптовалутите и нови измени во законодавството на државите. На почетокот на јануари, за првите неколку дена, цената на биткоин се зголеми за 13 проценти.

Аналитичарот на Информативниот центар „Алпари“, Владислав Антонов во интервју за РТ објаснува дека оваа состојба е поврзана со реакцијата на инвеститорите за влошување на односите меѓу САД и Иран.

Традиционално, како што растат геополитичките тензии, инвеститорите почнуваат активно да купуваат злато како сигурно средство за заштеда на пари. Антонов посочи дека во последно време, биткоинот стана и „заштитна мерка“.

“Геополитиката влијае на девизниот курс на биткоинот. Претходно, криптовалутите и златото се зголемуваа за време на засилувањето на трговската војна САД-Кина кога јуанот ослабе. Ние сега забележуваме дека зголемените тензии меѓу Соединетите држави и Иран, исто така, предизвикаа истовремен пораст на цената на златото и биткоинот”, рече тој. е експерт.

Биткоин порасна за скоро 94 проценти во 2019 година. Минатата година, инвеститорите се заинтересираа за иницијативата на Фејсбук да започнат со своја сопствена криптовалута.

Промовирани огласи »

Преку 11 илјади и 700 невработени граѓани ќе бидат опфатени со Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот, за кој во 2020 година се издвоени рекордни 1,45 милијарди денари, информираа на прес-конференција претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.

Претседателот на Владата Оливер Спасовски нагласи дека со Оперативниот план за 2020 година се продолжува континуитетот на една од повеќето успешни мерки на Владата во претходните две и пол години. Тој додаде дека во изминатите две и пол години, Владата, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, посветено и постојано работеа на подобрување на вработливоста на граѓаните, а тоа успешно е направено со реализација на оперативните планови за вработување, коишто во 2018 и 2019 година имаа речиси 100% реализација. Преку реализацијата на Оперативниот план за вработување и спроведување на други исправни економско-социјални политики, во изминатите две и пол години нововработени се над 59.600 граѓани, со што невработеноста е на рекордно ниско ниво од 17,1%, односно е намалена за 5,5 процентни поени во овој период.

„Со пакетот мерки опфатени во Оперативниот план за 2020 година, спроведуваме обуки и доквалификации за нашите невработени граѓани и за младите луѓе. Преку конкретни мерки за доквалификација особено внимание им посветуваме на вработување на најранливите категории, на поддршката за старт-апите и на иновативните бизнис идеи кои доаѓаат низ процесот на обука. Оперативниот план за 2020 година е прилагоден на современите барања и потреби на компаниите. За таа цел значајна сума од средствата се издвојуваат за субвенционирање на плати, вработувања и раст на компаниите, за обуки во информатичката технологија и други видови обуки кај работодавачите. Вработувањето е една од најважните теми којашто ги интересира и засега нашите граѓани. Решавањето на прашањето на вработувањето со достоинствено работно место е приоритет, за да се планира иднината. Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа физичките лица и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места“, посочи во воведното обраќање Премиерот Спасовски.

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска потенцираше дека со активните програми и мерки се обезбедува поголема вработливост за сите невработени лица во Република Северна Македонија, стимулирајќи ги невработените да се преквалификуваат или доквалификуваат, како и компаниите да ги апсорбираат овие невработени лица и да ги вклучат во пазарот на трудот. Таа додаде дека успешноста на оперативните планови, односно на активните програми и мерки, се должи пред се на сеопфатните консултации со бизнис секторот, невработените лица и другите засегнати страни за реалните потреби на пазарот на трудот и невработените.

„За Оперативниот план оваа година обезбедивме 1,4 милијарди денари, од кои 1,3 милијарди денари се од државниот буџет, додека останатите финансиски средства се обезбедени од партнерските организации (UNDP, EU, UNOPS, ILO, SDC), кои постојано ја поддржуваат државата да инвестира во активни мерки за вработување. Благодарение на оваа рекордна сума, очекуваме оваа година да бидат вклучени речиси 12 илјади невработени лица, односно 11.761 лице. Во 2020 година продолжува трендот на инвестирање во невработените лица од кои очекуваме да развијат претприемачки дух. Се покажа дека стартувањето на овие микро бизниси од невработените лица се навистина одржливи, во 2020 година очекуваме да поддржиме 1.364 микро бизниси, за кои одвојуваме 447 милиони денари, за да невработените лица се самовработат, а ако понатаму се развиваат да бидат вработувачи на други невработени лица. Очекувањата за воспоставување на што повеќе микро бизниси се базираат на реалност, ако се земат во предвид формираните претпријатија преку мерката Самовработување во изминатите две години, 93% од основаните компании во 2017 година се сеуште живи, додека од компаниите формирани во 2018 година, 99% се сеуште активни“, подвлече вицепремиерката Царовска.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, посочи дека особен фокус во Оперативниот план и во програмите што ги носи Владата се младите, се со цел обезбедување на подобар стандард и спречување на иселувањето на младите од државата.

„Мерките кои досега беа креирани и имплементирани навистина даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица, којашто изнесува 35,3% споредено со 2016 кога беше 48,6%. Ова ни дава поттик и понатаму да креираме мерки кои ќе придонесат за зголемување на вработувањето на младите лица. Во таа насока минатата недела Собранието, на предлог на Владата, го усвои Законот за младински додаток. На секое младо лице до 23 години кое е вработено и самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, преку центрите за вработување ќе му се исплаќа месечен надоместок од 3.000 денари. Со ова, од една страна сакаме да обезбедиме подобро платени работни места за младите лица со завршено средно образование, од друга страна да одговориме на потребите на компаниите и барањата на пазарот на труд“, рече Шкријељ.

Со младинскиот додаток се очекува опфат на минимум 4.000 млади лица, за кои се обезбедени 160 милиони денари.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска рече дека Агенцијата е потполно подготвена за успешна имплементација на Оперативниот план за 2020 година и се задржа на презентација на планираните обуки за доквалификација и преквалификација, со коишто е планирано да се опфатат 3.224 лица, како и на мерката практиканство.

„Оваа година ќе имплементираме обуки кај работодавачи, обуки за стручни квалификации, за занимања, за возачи, за претприемништво и за ИТ вештини. Обуките се однесуваат за оние дефицитарни занимања, за да им се излезе во пресрет на работодавачите и невработените лица. Практиканството е мерка која ја побаруваа и компаниите и невработените, а во 2020 година планиран е опфат од 1.575 лица со буџет од 46 милиони денари. И покрај тоа што немаа обврска, треба да споменеме дека околу 50% од практикантите беа задржани кај работодавачите и по завршување на процесот на практиканство“, нагласи директорката Јовановска.

Извор: Влада на РМ

Промовирани огласи »

Дали „најбезбедните банки во светот“ ја губат довербата на клиентите? Поради што се поголем број на луѓе ги подигнуваат своите пари и ги сместуваат во приватни сефови?

Одговорот на ова прашање не е едноставен.

Швајцарските приватни банкари се жалат дека некои од нивните клиенти повлекле голем дел од своите пари од банките за да ги чуваат сами , и покрај фактот дека оваа земја има репутација како најбезбедно и најсигурно место во светот за складирање пари.

Се оценува дека тој потег е последица на петгодишните негативни каматни стапки.

Политиката, чија цел нила да спречи јакнење на швајцарскиот франк, им наложувала на банките да и плаќаат надомест на Швајцарската национална банка, па во некои случаи банките дел од тие дополнителни трошоци ги префрлила на своите најважни клиенти, наведуваат светските медиуми.

Таквата политика се покажала како непопуларна кај клиентие, кои навикнале да заработуваат од каматите на своите депозити, и сега разгледуваат како да ги избегнат плаќањата на тие трошоци.

Норман Виламен, главен директор за инвестиции за приватно банкарство при швајцарската УБП, рекол дека ограничен број клиенти веќе ги повлекле своите пари.

- Банката ги испитува сите опции со клиентите, но банките полека го губат својот избор во обидот да најдат начин да избегнат наплата на големи суми пари - вели Виламен.

Се потсетува дека негативните каматни стапки, кои се појавија во 2015 година во Швајцарија, им отежнале на банките да профитираат од заеми и хипотеки.

Швајцарската инвестициска банка Кредит Свис објави минатата година дека ќе примени негативна каматна стапка од 0,75 проценти за суми во износ поголем од два милиони швајцарски франци (2,1 милиони американски долари). Ова значи дека доколку еден клиент задржи три милиони швајцарски франци (3,1 милиони американски долари) за една година, ќе му бидат наплатени 7.500 швајцарски франци (7.750 долари).

Дури и ако клиентите сакаат да повлечат големи количини на пари, велат тие, треба да излезат со план за складирање и осигурување. Лудвиг Карл, од компанија која изнајмува сефови во Швајцарија и Лихтенштајн, вели дека има поголем интерес за чување на готовина од 2015 година.

Податоците исто така покажуваат дека бројот на банкноти во оптек постојано се зголемува од финансиската криза во 2008 година, со особено зголемување на употребата на 1.000 швајцарски франци банкноти.

Под притисок, Швајцарската народна банка во септември објави дека ќе собере сума што банките можат да ја чуваат без да применат негативни камати, по што Здружението на банкари објави дека „негативните каматни стапки повеќе не ја исполнуваат својата економска цел“.

Европската централна банка, која ги следи негативните каматни стапки во 19 земји што го користат еврото од 2014 година, се соочи и со барања да ги испита негативните последици од таквата политика.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »