Промовирани огласи »

Од денеска на платформата на Управата за јавни приходи е поставен образецот на кој работодавачите од денес па се до 30 април може да ги поднесуваат Барањата за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците за месеците февруари и март 2021 година.

Барањата се поднесуваат електронски за секој месец одделно, информираше директорката на Управата Сања Лукаревска.

Комплетноста на Барањето треба да го потврди Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на доставувањето на барањето.

Условите од Законот за користење на финансиската поддршка се истите како и од претходниот Закон, односно работодавачот треба да има пад на приходите од најмалку 30 отсто, да не се врши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, работникот да нема остварено нето плата поголема од 39.900 денари во претходните 4те месеци, работодавачот да не исплатува нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка на повеќе од 10 отсто од вкупниот број на вработени, да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, работникот да не е пријавен на дополнително работно време и работодавачот во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година, има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари.

Во месецот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот треба да има ист или поголем број на вработени споредбено со месец декември 2020 година со исклучок на одјавените работници по оправдани основи согласно законот. Овој услов рече Директорката немаат обврска да го исполнат работодавачите кои вршат угостителска дејност односно дејности за подготовка и служење на храна и објекти за сместување, како и транспортната дејност, односно копнен и цевоводен транспорт кој поради здравствените протоколи имаат затворено најмалку 50 проценти од своите капацитети преку кои го остваруваат прометот.

Висината на износот на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од процентот на намалување на приход на работодавачот и истата изнесува од 14.500 денари по вработен за пад на приход од 30 до 40 проценти, до максимални 21.776 денари по вработен за намален приход над 80 отсто.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчерабрече дека вкупната вредност на оваа мерка е 1,9 милијарди денари, кои се издвоени од буџетот, а ќе се опфатат околу 60.000 работници. Фирмите ќе можат да аплицираат и за кредити од 3.000 до 30.000 евра согласно Ковид 4 бескаматната линија преку Развојната банка, за која се издвоени 615 милиони денари (10 милиони евра). Предвидено е за компаниите кои ќе го зголемат бројот на вработените или прометот, дел од бескаматниот кредит да им се трансформира во грант.

Промовирани огласи »

Викендот биткоинот доживеа таканаречен „флеш пад“, а во саботата вечерта, за помалку од еден час, тој падна за скоро 14 проценти, од 59.000 на 51.000 долари.

Падот продолжи и завчера, но и вчера утрото. Вчера, оваа криптовалута се тргуваше по цена од околу 54.000 долари, што е пад од околу 6% за 24 часа.

Другите популарни криптовалути, вклучувајќи ги Ethereum и Dogecoin, исто така драматично паднаа, пред да надоместат дел од нивните загуби.

Биткоинот нагло се зголеми во вредност оваа година, бидејќи доби зголемено прифаќање, но наглиот пад на цените овој викенд беше предизвикан од непотврдена гласина на Твитер дека Министерството за финансии на САД планира да ги спречи шемите за перење пари кои вклучуваат криптовалути.

Брзиот пад на биткоинот преку ноќ е најновиот индикатор дека пазарот на криптовалути останува крајно нестабилен.

„Крипто-ентузијазмот“ се чинеше дека го достигна својот врв минатата недела кога платформата Coinbase излезе во јавноста со околу 86 милијарди долари.

Застапниците на криптовалутите инсистираат со години дека биткоините, етереумот и другите дигитални монети можат да предизвикаат револуција во светот на финансиите.

Тесла започна да прифаќа плаќања со биткоин за своите автомобили и сега држи дел од дигиталните валути во својот биланс на состојба. И многу други, како PayPal, MasterCard (MA) и Visa, се обидуваат да ги насочат крипто плаќањата на нивните мрежи.

Во меѓувреме, најавено е дека Голдман Сакс наскоро ќе им понуди на своите приватни клиенти можности за управување со богатството да инвестираат во биткоини и други дигитални валути, а Морган Стенли најави дека на своите богати клиенти ќе им понуди пристап до фондовите на биткоин.

Промовирани огласи »

Корал Фуелс ДООЕЛ Скопје, како подружница на Coral S.A., започна со работа со првите 2 бензински станици под брендот Shell во Северна Македонија. Компанијата е официјален сопственик на лиценцата за брендовите Shell во Северна Македонија.

Матичната компанија Coral S.A. (поранешна Shell Hellas SA) работи во Грција од 1926 година. Со околу 750 бензински станици кои работат под брендот Shell, компанијата има удел на пазарот што надминува 23 отсто и е лидер на пазарот во Грција. Coral S.A. ја поседува лиценцата Shell за пазарите Кипар, Србија и Хрватска. Компанијата има за цел да расте како регионален играч на Балканот, обезбедувајќи горива и услуги со врвен квалитет под брендот Shell.

Корал Фуелс влегува на пазарот во Северна Македонија преку обезбедување долгорочни договори за лиценца на брендот Shell. Договорот вклучува поддршка и трансфер на “know-how” поврзани со горивата, примена на нови технологии, воспоставување услуги и маркетинг со високи стандарди. Во пракса, целото истражување и развој на горивата што се одвиваат на глобално ниво, ќе бидат пренесени преку бензинските станици за да бидат од корист за потрошувачите во земјава.

Корал Фуелс има намера во следниот период да инвестира со планиран раст низ целата земја со отворање нови централно лоцирани бензински станици, преку кои ќе им обезбеди квалитетна услуга на своите клиенти. Корал Фуелс веќе работи со 2 бензински станици под брендот Shell кај Смоквица, на автопатот Пријателство близу границата со Република Грција.

Каи-Уве Витерштајн, генерален директор на пазарите со лиценца, “Shell Mobility”, изјави: "Јас сум пресреќен и горд што заедно со Coral ги носиме Shell брендираните бензински станици во Северна Македонија. Досега со Coral остваривме многу успеси на регионалните пазари и задоволни сме што продолжуваме да растеме со нив преку договорот за бренд лиценцирање за Северна Македонија. Овој долгорочен договор со Coral ќе му обезбеди на локалниот пазар висококвалитетни горива и масла на Shell, одлична услуга за клиентите и низа производи за секојдневна употреба, како и дополнителни услуги дизајнирани да ги задоволат потребите на сите возачи и други клиенти. Се надевам дека клиентите ќе уживаат во искуството при посетата на услужните бензински станици од брендот на Shell“.

Задоволни сме што можеме да им понудиме на потрошувачите во Северна Македонија врвни Shell горива, како и пренесување на глобалното знаење за развојот на производите и услугите. Постојаната новина искомбинирана со големата групација компании кои стојат зад оваа инвестиција, создаваат единствено партнерство во нашиот натамошен раст, рече Џорџ Хацопулос, генерален директор на Coral SA.

Достапни во целата наша малопродажна мрежа од бензински станици се водечкиот диференциран бензин Shell Fuelsave Unleaded 95, безоловен бензин 98-октански V-Power и Shell Fuelsave Diesel.  Посебно дизајнираните продавници за секојдневна употреба и други специјални потрошувачки услуги, исто така ќе бидат наскоро достапни на пазарот.

Нашите бензински станици се дизајнирани според највисоките стандарди за да обезбедат целосни решенија за возачите преку воведување новини, почитување на потрошувачите и активности за општествена одговорност, рече Ерик Мано, Менаџер во Корал С. Македонија.

Промовирани огласи »

Град Скопје информира дека за еден ден се исцрпени речиси половина од предвидените средства за субвенции за граѓаните за купување на велосипеди и електрични тротинети. Преку системот за електронско аплицирање вчера пристигнале над 1.200 пријави за субвенции за велосипеди, и 142 пријави за субвенции за електрични тротинети.

Градските власти посочуваат дека доколку продолжи големиот интерес за субвенциите, можно е исцрпување на средствата превидени за субвенциите за електрични тротинети и затворање на јавниот повик на крајот на денот.

Инаку, во врска со овој повик за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година, од Градот Скопје потсетуваат дека граѓаните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на оваа година, поточно од 1 јануари.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје – во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари, кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во државата од 1 јануари 2021 година, се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици.

Во буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.

Во изминатите три години, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 527 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.

-На двата повика за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку интернет-страниците на Град Скопје и Скопје лаб, www.skopje.gov.mk и aplikacii.skopjelab.mk или директно на линковите https://aplikacii.skopjelab.mk/velosipedi/ и https://aplikacii.skopjelab.mk/trotineti/, се наведува во соопштението на Градот.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »