Светскиот шампион во електромобилноста, Норвешка, го мина и последното скалило што води кон целосна електрификација на возниот парк.
Во септември, уделот на нови автомобили со приклучок за полнење, односно електрични и приклучни хибридни автомобили во Норвешка достигнал 91,5 проценти.
Чисто електричните автомобили учествувале со 77,5% во продажбата на нови автомобили во Норвешка во минатиот месец, додека преостанатите 14% им припаѓаат на приклучните хибриди. Тоа е јасно насочување на пазарот кон чисто електричните возила, за разлика од голем број многу помасивни и позначајни пазари во Европа, кадешто приклучните хибриди уште постигнуваат релативно висок удел, главно поради високите субвенции што следат и за нив.
Дизелите се веќе вистински раритет во продажбата на нови автомобили. Практично само два од секои сто нови автомобили во богатата скандинавска држава користат дизел мотор. Сличен е уделот на автомобилите што користат само бензински мотор.
Норвешка во септември регистрирала 17.992 нови автомобили (15.552 лани), од кои 13.941 автомобили се чисто електрични. Продажбата на последниве пораснала за 45,8 проценти во споредба со истиот месец лани.
Вкупно во првите девет месеци се продадени 128.856 нови автомобили, што е за 35% повеќе од истиот период лани. Уделот на електричните автомобили пораснал за 12 проценти и изнесува 62,5 проценти од вкупната продажба на возила во Норвешка годинава.
Топ 10 најпродавани модели на автомобили во септември 2021 во Норвешка:
Tesla Model Y 3 564
Tesla Model 3 2 218
Skoda Enyaq 787
Toyota RAV4 702
Audi e-tron 672
Volkswagen ID.4 659
Hyundai IONIQ 5 652
Ford Mustang Mach-E 600
VolkswagenID.3 456
Nissan Leaf 410
Топ 5 најпродавани автомобилски марки во септември 2021 во Норвешка:
Tesla 5,782
Volkswagen 1 444
Hyundai 1 118
Audi 1 106
Toyota 1 073
