Од 1 јануари наредната година треба да почне да се применуваат измените на Законот за работни односи кои ја дефинираат недела како неработен ден, откако вчера Собранието ги усвои на пленарна седница. Усвоени беа и измените во Законот за трговија, во кој исто така се регулира дел од работата во недела.
Согласно законските измени, за 92 проценти од работниците недела треба да биде неработен ден.
За останатите, кои ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден за оне кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние кои ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат.
Како дејности кои мора да работат за нормално функционирање на општеството, во Законот за работни односи се наведени одгледување животни, мешовито фармерство, вадење на јаглен и лигнит, вадење на руди на метал, печатење и издавање на весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад идејности на санација на околината, како и копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт.
Во овие дејности спаѓаат и складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и сл.), прикажување филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.
Како суштествени се наведени и општите дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став, како и работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.
Со измените и дополнувањата на законот за трговија се регулира и работата на дел од трговските субјекти кои ќе можат да работат во недела. Согласно законот, трговијата на мало може да се врши во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, како и во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун.
Законот предвидува и да можат да работат продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2, штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и зелените пазари.
Овој закон вчера беше на расправа пред пратениците беше усвоен, но поради тоа што владата прифати дополнителен амандман од ДУИ тој ќе оди на трето читање.