Невработеноста во земјава падна на најниско ниво. 22,9 проценти изнесува стапката на невработеност во земјава, покажуваат најновите статистички податоци од Државниот завод за статистика.. Во првото тримесечје од 2016 година активното население во Македонија брои 952.644 лица, од кои вработени се 734.000, а 218.000 лица се невработени.
Податоците на Државниот завод покажуваат дека процентуално поголем е бројот на невработени мажи отколку жени – 61,5 проценти се мажи, а жени 38,5 проценти. Најчесто на удар на невработеноста се младите – дури 44,4 проценти од нив се без работа. Најмногу невработени лица се со средно четиригодишно образование. Статистиката покажува дека најмногу вработува преработувачката индустрија над 138.000 лица. над 100.000 работници има и воземјоделскиот сектор и трговијата.
За најновите податоци се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на социјалната мрежа Фејсбук.
Дури и во период на премрежја, криза и постојани напади продолживме да работиме на нашето ветување до граѓаните за намалување на невработеноста. Резултатите се потврдени. Државниот завод за статистика регистрираше досега најниско ниво на невработеност под 23%, поточно 22,9%. За една година (споредено со првото тромесечие од 2016год), имаме пад на невработеноста од 1.6%, или новоотворени над 19 000 работни места. Споредено со периодот 2005, 2006 и сега 2017 имаме пад од над 15%, од 38% на 22.9%, или од 560 000 вработени сега имаме 734 043, или во периодот додека ВМРО ДПМНЕ ја имаше одговорноста да управува со државата се отворија над 174 000 работни места. Ова значи решавање на најгорчливиот проблем на граѓаните. Она што недостасува кај новата влада е концентриран и професионален тим за странски инвестиции. Слабите перформанси може да резултираат со бркање на дел од инвеститорите што ке значи отпуштање или обесхрабрување на инвеститорите со кои бевме во финална фаза на инвестирање. Останува времето да покаже и државата би била најсреќна доколку трендот на пад на невработеноста продолжи, пишува Груевски на Фејсбук.
ВМРО-ДПМНЕ особено е горда на најновите податоци за невработеноста. Напорната работа, активните мерки за вработување, ниските даноци, политиката на странски инвестиции, поволната бизнис клима, оперативните планови на Владата за вработување кои беа спроведувани изминативе години, придонесоа невработеноста да се намали на историски најниски 22,9 проценти, рече денеска на прес-конференција Христијан Мицковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2006-тата година кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта од СДСМ, посочи, Македонија беше рекордер во Европа по највисоката стапка на невработеност и изнесуваше 38 проценти.
Во периодот од 2006-та година до денес отворени се нови 175.000 нови работни места. Дури и во услови на длабока политичка криза ние повторно работевме на намалување на невработеноста и само во последната година споредено првиот квартал од 2017 со првиот квартал од 2016 година, отворени се 20.000 нови работни места, додека пак само во првиот квартал од 2017 година кога политичката криза кулминираше, благодарение на политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ се отворија 3.000 нови работни места споредено со четвртиот квартал од 2016 година, рече Мицковски.
Граѓаните и во иднина очекуваат отворање нови работни места, просечна плата од 30.000 денари. Граѓаните исто така очекуваат и стабилна економија и годишен раст кумулативно секоја година од 5 проценти, истакна Христијан Мицкоски.