По најавата за зголемување на минималната плата во државава на 18.000 денари, голем број на работодавачи реагираа дека немаат доволно средства и ќе бидат принувденк да испуштаат работници. Веднаш потоа се огласија од владата и известија дека тие ќе ги дополнат платите на овие работници.
Сепак субвенционирањето на придонесите поради зголемената минимална плата нема да го користат сите работодавачи. По 1.197 денари субвенција од државниот буџет за придонеси ќе добијат околу 62 илјади вработени, кои според податоците на Управата за јавни приходи земаат плата до 15.200 денари.
Во месец декември 2021 година на 62.009 вработени им е исплатена плата до 15.200 денари, додека на 109.619 вработени им е исплатена плата од 15.201 до 18.000 денари, се вели во соопштението од Управата за јавни приходи.
На повеќе од 100 илјади вработени кои им се исплаќа плата до 18 илјади денари работодавачите нема да можат да користат субвенција од државата, туку ќе треба сами да ги плаќаат придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување.
Сите работодавачи кои исплаќаат плати повеќе од 15.201 до 18 илјади денари ќе можат да аплицираат за субвенции на придонеси поради зголемена нето плата од 600 до 6.000 денари. Ова законско решение е донесено во 2019 и работодавачите може да аплицираат најдоцна до 31 октомври 2022 година.
Работодовачите сепак ќе можат да користат помош од државата, но не според измените во Законот за минимална плата.