Велики петок или Велипеток — ден од Страдалната седмица, христијански празник на денот кога е распнат Исус Христос.
Велики Петок е ден кога христијаните се сеќаваат на Исусовата мака и смрт. Верниците доаѓаат во црква за да размислуваат за Исусовата жртва, а преку обредите ќе присуствуваат на Служба на словото, ќе се поклонат на крстот и на крајот ќе се причестат.
Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи.
Одлуката за погубување на Христос
Одлуката за погубување на Христос на Велика Среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот). Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велипеток. Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин изјавува дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себеси за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков грев Римјаните морале да го казнат сторителот. На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот. И денес по 2000 години, патот по кој тој одел е познат како пат на болката.
Празнување, обичаи и верувања
Велипеток се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос.
Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Строг пост
Православниот канон за Велипеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус.