Промовирани огласи »

Во врска со текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во делот на одредбите кои се однесуваат на регулирање на правото недела – неработен ден и реално преставуваат намалување на правата на работниците, Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ) смета дека недопустиво и несериозно е измените во овој фундаментален закон за работно- правните односи во државата во кои се дадени основните постулати и принципи на социјалниот дијалог, да се носат без учество на социјалните партнери и ЕСС.

Велат дека на овој начин се врши кршење на законските одредби и подривање на принципите за градење на националните стратегии и политики во сите области, а најзначајно во областа на работно – правните односи по пат на социјален дијалог со активно учество на социјалните партнери.

Поради тоа ССМ како најброен и репрезентативен синдикат бара предложените измени и дополнувања на ЗРО да се повлечат од собраниска процедура, затоа што не е спроведена постапка на анализа и целосен увид на резултатите од досегашната примена на одредбите од законот за недела неработен ден за да можат да се видат ефектите од примената на овие одредби, па дури потоа да се преземаат активности за подобрување на законскиот текст, но не во правец на намалување на правата на работниците. Едностраното, необјективно и тенденциозно додавање на дејности во исклучоците во кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине и поради тоа за овие работници ден на неделен одмор може да биде друг ден, го разнишува концептот и причините поради кои се воведоа законските измени за недела – неработен ден, а тоа беше најголемиот број на работници да го користат денот недела за обнова на својата работна сила, грижа за семејството, културните, образовните, спортските и сите други реални животни потреби кои ќе обезбедат достоинствен живот за работникот и неговото семејство, а со тоа ќе се постигне поголема продуктивност, мотивираност и успешност во обавувањето на работните задачи што ќе резултира со зголемено производство и продуктивност во работењето, велат од ССМ. 

ССМ бара Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во делот на одредбите кои се однесуваат на регулирање на правото недела – неработен ден, да се повлече од собраниска процедура и да не се расправа, ниту пак да се гласа по истиот затоа што во донесувањето на законските измени исклучени се од учество работниците и синдикатите, како и поради тоа што овие измени преставуваат намалување на правата на работниците.

Велат дека го следат однесувањето на сите пратеници и партии, и нивната поддршка сега ќе биде основа за  поддршка кон нив во иднина.
фото ССМ Фејсбук

Промовирани огласи »

Владата досега не понуди нови мерки, ниту пак се изјасни за продолжување на актуелните мерки. Според најавениот дневен ред и на денешната владина седница, нема точка поврзана со мерките. Што сѐ ќе поскапи од утре?

Колку ќе чинат прехранбените производите за кои од утре трговците слободно ќе наплаќаат маржа и дополнителни 5 отсто ДДВ? Се знае или не?

Владините мерки за ублажување на ценовниот шок завршуваат денеска на полноќ, а веќе од утре се очекува на полиците во маркетите да има нови повисоки цени на лебот, шеќерот, солта, брашното тип 400, суровото сончогледово масло, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата, овошјето и на зеленчукот. Трговците и производителите веќе се подготвени од утре  да ги вратат цените за висината на  процентот на маржата и на Данокот на додадена вредност.

Дополнителен удар за граѓаните ќе бидат и новите цени на горивата, кои од полноќ ќе се пресметуваат со ДДВ од 18 отсто, бидејќи завршува и мерката за намалување на данокот за гориво на 10 отсто. Истовремено, завршува и мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.

Владата досега не понуди нови мерки, ниту пак се изјасни за продолжување на актуелните . Според најавениот дневен ред на денешната владина седница, нема точка поврзана со мерките.

За граѓаните ова не е веќе изненадување, бидејќи и досега секој ден имаа нови цени на прехранбените производи кои за една година, официјално според статистиката, се зголемија за 13 отсто.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е нов удар врз стандардот на граѓаните. Опозицијата најави предлог на нови измени на законот за ДДВ, според кои нема да се плаќа ДДВ за прехранбени производи, а данокот за горивата да изнесува 5 отсто.

Почнувајќи од утре лебот и брашното со повисока маржа и пресметан ДДВ од 5 отсто ќе имаат повисока цена за 5 до 6 денари, а поскапи ќе бидат и другите производи за кои досега имаше ограничена маржа, а не се пресметуваше ДДВ. Но, сѐ ќе зависи од тоа во кој маркет ќе се купуваат овие производи, бидејќи трговците самостојно го утврдуваат процентот на маржата. Пред ограничувањето на маржите на 5 отсто односно на 10 отсто кај трговците на големо и мало, тие пресметуваа маржа од 20 отсто до 30 отсто. Маржата, пак, која ја пресметуваа производителите во крајната цена на производите се движеше од 2 отсто до 3 отсто. Според ова, јасно е дека треба да се очекува поскапување од најмалку 15 отсто, поради маржата и поради дополнителните 5 отсто за ДДВ за производите за кои во изминативе три месеци не се плаќаше ДДВ.

Владата неодамна најави дека се прават анализи кои ќе ги одредат следните чекори по завршувањето на претходните мерки за ограничување на маржата и намалувањето на ДДВ, за што ќе ја информира и јавноста. Но, до овој момент нема најава за нови мерки.

Плусинфо денеска ги праша и Владата и Министерството за економија дали има некакви измени во однос на мерките или дали се подготвуваат нови мерки, но до објавувањето на овој текст не доби одговор.

Пред една недела од владата се повикаа на антикризните мерки вредни 400 милиони евра.

За да се ублажат влијанието на новата енергетска криза и на ценовната криза врз стандардот на граѓаните и врз ликвидноста на стопанството, веќе донесовме пакет мерки во вредност од над 400 милиони евра. Во рамките на тој пакет се опфатени и мерките за намалување, односно укинување на стапката на ДДВ на основните прехранбени производи, од 5 на 0 отсто, намалена е стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто за нафтените деривати, како и стапката на ДДВ за електричната енергија која е намалена уште минатата година од 18 на 5 отсто и таа стапка ќе се применува до крајот на годината – изјавија за Плусинфо тогаш од Владата.

Најавата дека завршуваат мерките за ублажување на ценовниот шок ги натера граѓаните да ги наполнат продавниците. Вчера попладне, а и денеска, видливи се турканици пред полиците на некои од производите.

Да, знам дека денеска завршуваат мерките на ограничени маржи и намален ДДВ за прехранбени производи. Еве, затоа и вчера и денеска има турканици во маркетите. И јас планирам да земам дополнителни количини масло и брашно, но знам дека тоа не е решение за проблемот. Веќе утре ќе имаме нови цени на производите, иако набавките трговците ги направиле во периодот кога маржата и ДДВ беа намалени. Тоа е работа на инспекторите, а ние ќе си плаќаме повисоки цени сè додека можеме да издржиме или ќе почнеме да штедиме повеќе отколку што треба, а некои производи нема да ги купуваме. Никој не мисли на тоа со каков буџет располагаат домаќинствата во земјава и колку од нив се на работ на сиромаштија. Не ги коментирам овде цените на горивата, бидејќи таму можеме да штедиме ако се возиме со автобус и користењето на автомобилите го сметам за луксуз – вели граѓанка што ја затекнавме во еден од маркетите.

И производителите, под притисок на повисоките цени на суровините и на енергенсите, на струјата и на бензинот, подолг период најавуваат повисоки цени на своите производи, за да се извлечат од можното одење во загуба и отпуштање работници. За четири месеци од годинава, прехранбената индустрија, според податоците на Државниот завод за статистика, ги зголеми цените на производите за 11 отсто, а само во април за 3,1 отсто.

Цените на производите ќе се формираат врз основ на внатрешни анализи кои ги прави секоја компанија водејќи се од тоа дека имаме значајно зголемување на цените на енергенсите, суровините, работната сила и секако врз основ на пазарните критериуми и отежнатите услови за работа поради нарушените синџири на снабдување. Компаниите мора да изнајдат начин да останат ликвидни за да може редовно да ги подмируваат обврските кон државата и секако кон вработените. Никој нема да има корист од зголемување на бројот на невработени или пак од згаснување на деловни субјекти – велат од Сојузот на стопански комори (ССК).

Поради укинување на бесцаринскиот увоз на суровини за производство на сувомесни производи, најавено е зголемување на цената на овие производи за 15 до 20 отсто веќе од 5 јуни. Повисоки цени производителите најавуваат и за брашното и лебот, поради усогласувањето на процентот на маржите и на ДДВ од 5 отсто.

Враќањето на маржите и на ДДВ од утре, на брашното и на лебот, зависно од производот, ќе значи поскапување од 5 до 6 денари. Ние веќе ги информиравме трговците за новите цени, а верувам дека и тие веќе ги пресметале маржите и ДДВ – вели Горан Малишиќ од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

Но, додава тој, нови цени на брашното и лна ебот можат да се очекуваат по завршување на жетвата.

Колкав ќе биде процентот на зголемување на цената ќе зависи од откупот на пченица и цената на увезената пченица која се продава по берзански цени. Дополнително, тука влегуваат и цените на енергенсите, кои вртоглаво растат, како и платите на вработените. Соодветно на растот на цената на брашното треба да се очекува и повисока цена на лебот – додава тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со слободното формирање на цените, односно по престанок на важењето на владините мерки, се очекува вртоглав раст на цените на прехранбените производи кое најмногу ќе ги погоди сиромашните граѓани.

Очекувам да се случи пазарен шок од проста причина што досегашното искуство со регулирање на цените покажа дека владата не се снајде со проблематиката, ги замрзна цените на основните производи, сега тој рок поминува и најавите се дека ќе остави пазарот слободно да си го направи своето. Ако Владата во оваа ситуација не најде механизми да интервенира на пазарот преку државните резерви, преку соодветни политики, преку понуда на производи, ние може да очекуваме ценовни шокови и тоа ќе удри најмногу врз сиромашните, затоа што цените на храната вртоглаво ќе растат – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Здравко Трајанов во изјава за Слободна ТВ.

Од оваа партија најавуваат Закон со кој производите за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, се бара ДДВ за течните горива да биде 5 отсто до крајот на оваа година.

Експертите се согласни дека актуелните мерки се ограничувачки и на подолг рок би дале спротивен ефект, но Владата има можност да донесе други мерки кои би биле од корист за граѓаните и бизнисите. Предлагаат интервентен увоз, или интервенција со стокови резерви, со цел државата да го понесе товарот на ценовните разлики со бенефицирани цени, со субвенционирани цени да се ублажи притисокот. Втор начин е да донесат социјални мерки, односно помош за најранливите категории, за полесно да го совладаат товарот на оваа криза

Според статистичките податоци, во април, цените на мало пораснале за повеќе од 11 отсто, а инфлацијата достигнала 10,5 отсто.

Промовирани огласи »

Согласно објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ го анализираше бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места со цел да се креира слика каде најчесто Македонците купувале онлајн во текот на 2021 година.

Во текот на изминатата година, како што соопшти АЕТМ, Македонците реализирале вкупно 14,2 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 420,7 милиони евра.

Од овој износ, 318,9 милиони евра се реализирани кон домашните е-продавници, што претставува значајни 75,8 проценти во вкупната вредност на онлајн трансакции. Со домашни платежни картички во странство, во 2021 година реализирани се вкупно 2,9 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 101,8 милиони евра, наспроти 1,7 милиони онкајн трансакции со вкупна вредност од 47,8 милиони евра во 2020 година што претставува раст од 66,3 отсто во бројот на трансакции и 113 посто во вредноста на трансакциите, наведуваат од АЕТМ.

Од Асоцијацијата за е-трговија коментираат дека растот во 2021 година е очекуван ако се земе предвид дека во 2020 година поради пандемијата не се патуваше и трансакциите за авио-билети и резервации на хотели беа драстично намалени, во 2021 година овие трансакции го надминаа нивото од пред пандемијата.

Од вкупната вредност на трансакции, кои Македонците во текот на 2021 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство, дури 75,7 посто од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји.

Најголема вредност на трансакциите, односно најмногу онлајн плаќања Македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска и тоа, според анализата на АЕТМ до некаде е и очекувано имајќи предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Обединето Кралство), Facebook, Google (Ирска) и WizzAir (Унгарија).

Што се однесува до бројот на онлајн трансакции со македонски платежни картички во странство, високи 82,7 проценти од трансакциите завршиле во корист на ТОП 10 земјите – Луксембург, САД, Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, Унгарија, Германија, Кипар, Бугарија и Хрватска. Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 693.460) се реализирани во корист на e-продавници од Луксембург каде што е регистрирана европската филијала на Amazon преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од Европските земји, без Обединето Кралство, се вели во соопштението.

Од аспект на вредноста на трансакциите, додаваат од АЕТМ, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 58,5 евра и кон оваа земја е реализиран најголем износ на плаќања. Највисока просечна вредност се евидентира од e-плаќањата кон Унгарија, каде доминираат плаќања кон WizzAir и просечната вредност изнесува 129,5 евра, додека најмала просечна вредност се евидентира кон Луксембург на износ од 11,1 евра.  

Промовирани огласи »

Кога ќе ја носиме новата одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јули годинава ќе направиме се за да се спречат малверзациите кои можат да влијаат на зголемување на цената што ја плаќаат домаќинствата, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во гостување на ТВ Телма. 

Ова што го прават општините ниту е етички ниту, пак, морално. Кога беа намалени цените на слободниот пазар, општините штедеа – тогаш беше во ред. Сега кога се зголемија веднаш се прават малверзации за да се вратат на регулиран пазар. Има и компании кои прават фиктивен договор па се враќаат на регулираниот пазар. Сега кога ќе ја носиме одлуката нема да дозволиме овие непредвидени трошоци направени во најмала рака на некоректен начин да удрат на грбот на домаќинствата. Затоа при носење на одлуката на цената РКЕ ќе преземе се што е во наша надлежност за да не бидат оптоварени домаќинствата со овие малверзации на општините и компаниите. Ако е криза за сите е криза, рече Бислимоски во емисијата „Топ тема“ на Телма. 

Ги повика општините и компаниите да бидат инвентивни и да постават фотоволтаици на своите покриви.

Зошто општините не ги искористат покривите на училишта, на градинки на сите институциите што ги имаат. Зошто не размислуваат покрај фотоволтаци да изградат и мали хидроелектрани, како што имаат општините Кавадарци и Битола, рече Бислимоски. 

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »