Трите лиценцирани компании на БЕГ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија прикажаа три пати поголеми трошоци за 2022 до Регулаторната комисија за енергетика.
Во барањата за одобрување на максимален приход и цена за 2022, БЕГ Производство од 27 мај бара да му се признаат трошоци од 3.399.409.230 денари, односно 54 милиони евра, додека за минатата година барањето било 759.254.478, или 12,5 милиони евра. Ланската пресметка е нешто помалку произведена енергија, но сепак разликата во трошоците и натаму е голема.
БЕГ Дистрибуција бара признавање на трошоци од 60 милиони евра, додека ланското барање на крајот од пролетта 2021 било 25 милиони евра. БЕГ Снабдување бара да му се признае најголем трошок - 68 милиони евра, што е за 40-тина милиони повеќе од ланското поднесено барање.
Од БЕГ признаваат дека вака поднесените трошоци ќе предизвикаат зголемување на цената на парно греењето и се создаваат услови за летно поскапување. Со ланското поскапување на природниот гас, а со тоа и на топлинската енергија, БЕГ како и останатите компании побараа повисока цена за сметките од 1 август 2021.
Согласно Правилникот за регулирање на цени за топлинска енергија друштвата кои се носители на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаат обврска до РКЕ да достават податоци за остварените трошоци за вршење на регулираните дејности. Согласно ваквата обврска до РКЕ се поднесени барање за признавање на трошоците од работењето на друштвата.
Врз основа на овие податоци и одобрените трошоци за вршење на дејноста, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Р.С.М ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи во следниот период, ни одговорија од компанијата.
Владата изминатата грејна сезона ја субвенционираше со 6 милиони евра, пари кои што БЕГ треба да ги врати назад до крајот на годинава, според она што првично беше тогаш испланирано. Операторот не знае дали ќе продолжи субвенционирањето со евентуално поскапување на фактурите.
Што се однесува на делот на субвенциите на потрошувачите на топлинска енергија, немаме одговор на ова прашање. Мерката за субвенција на потрошувачите на топлинска енергија е во надлежност на Владата на РСМ, велат од таму.
Од 1 јануари парно греењето е поскапено за 14 отсто, но само за домаќинствата, додека останатите субјкети плаќаат уште поголемо зголемување.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, веќе рече дека од сите енергенси, најмногу го плаши поскапувањето на природниот гас, предизвикано од геополитички активности.
Извор: Фактор