Владиниот Економски совет вчера на седница заклучи дека енергетската состојба е стабилна, a наредната недела Владата ќе излезе со мерки за најранливите категории граѓани и компаниите во пресрет на „тешката“ зима.
Повторно испратија апел за одговорно однесување кон енергенсите.
На Економскиот совет коморите и синдикатите ги повторија своите барања, а ставови и совети изнесоа и експерти, универзитетски професори и академици.
Премиерот Димитар Ковачевски на седницата потенцирал дека се обезбедуваат мерки за помош на компаниите преку Развојната банка, кои ќе овозможат ликвидност за компаниите и полесно пребродување на кризата во месеците кои следат.
На состанокот на Економскиот совет биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно.
Дел од општините веќе најавија помош при плаќањето на сметките за електрична енергија за семејствата од социјален ризик.
Вакво барање има и претседателот на ССМ Дарко Димовски кој од Владата побара да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (48.230,00 денари).
Исто така, да бидат опфатени и категориите на средношколци и студенти кои се школуваат надвор од местото на живеење со субвенционирање на дел од трошоците од нивното сместување. ССМ бара и да се овозможи бесплатен градски превоз до и од работа со оглед дека таквиот трошок за вработените граѓани е секојдневен и неизбежен, а несомнено го оптоварува домашниот буџет.