Промовирани огласи »

Поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето со цел да се намали цената на основните прехранбени производи и непречено да се одвива образовниот процес во претстојниот зимски период, се дел од последните мерки за справување со кризата, што Владата ги донесе на вчерашната седница и со кои ќе бидат опфатени околу 200 компании.

Доколку со новите мерки не се намали цената на основните прехранбени производи, Владата ќе спроведе други механизми, односно замрзнување на цените.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција, информираше дека за компаниите ќе биде обезбедена струја од 80 евра по мегават час и со ваквата одлука, Владата очекува дека ќе се влијае врз стабилизирањето на крајната цена на основните прехранбени производи.

Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Со оваа мерка, производителите на основните прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја што крајно ќе влијае и на стабилизирањето на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании, нагласи Ковачевски.

Од Владата потсетуваат дека веќе било јавно соопштено од производителите на основните производи дека со ваквата одлука би требало цените да се намалат најмалку за 10 проценти.

Основните и средните училишта, пак, ќе имаат можност до 1 декември да склучат договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а по истата цена со електрична енергија ќе може да се снабдуваат и јавните комунални претпријатија.

Можност за снабдување со електрична енергија обезбедувме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и од одведување на отпадни води кои работат со пуктни и прочистителни станици со што ќе обезбедиме непречено стабилно снабдување со вода на граѓаните како и одведувањето на отпадните води. Цената за оваа намена ќе биде 95 евра по мегават час електрична енергија, нагласи Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши појасни дека се работи за околу 200 компании и посочи дека ќе се помогнат овие компании со цел да се намали цената на основните прехранбени производи и да не се зголеми цената на водата.

Ако во случај инпутот на електрична енергија што е во формирање на финалната цена не се рефлектира и во намалување на цена на производите, тогаш има и други механизми, односоно замрзнување на цените онаму каде што ќе се утврди дека инпутот со електричната енергија не се калкулира во финалната цена на производите, истакна Бектеши на вчерашната прес-конференција.

Бектеши, исто така, очекува денеска или утре на седница на Собранието да биде усвоен и Законот за потрошувачи, преку кој ќе се контролира цената на производите.

Во Законот има одредени мерки со кои Државниот пазарен инспекторат може да постапи и ние кажавме дека нема да дозволиме никој да прави профитерство во време на криза, додаде министерот.

Владата, исто така, донесе одлука со која на општините и на Град Скопје им се забранува основање јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес, јавно осветлување со цел да се спречи злоупотребата и манипулациите при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија.  

Промовирани огласи »

Ниту еден работодавач не најавил дека годинава и покрај економско енергетската нема да исплати регрес за годишен одмор, а таква е состојбата и во дел од јавниот сектор, велат за „Слободен печат“ од Сојузот на синдикати на Македонија. Во моментот и на околу 1.000 од вкупно 27.000 вработени во јавниот сектор, им легнаа парите за К-15 за 2020 година, се разбира, откако ги добија пресудите по тужбите што ги поднесоа.

Неисплата не е во опција, а нема ни оправдување за непочитување на Колективниот договор – децидни се од ССМ.

До крајниот рок за исплата на популарниот К-15 (31 декември), во приватниот сектор, има нешто повеќе од два месеца, а според пресметката од ССМ, тој треба да изнесува 12.748 денари.

Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, за „Слободен печат“ вели дека судовите постапуваат по тужбите што ги поднесоа нивните членови, а од почетокот на годинава паднале и првите пресуди во нивна корист.

Судовите исплатија регрес, како и дел од Јавното обвинителство, а онаму каде што нема разбирање да се избегнат судските трошоци и да се исплаќа доброволно, тераме со тужбите – додава Деаноски.

Промовирани огласи »

Од денеска имаме зимско сметање на времето. 

Часовникот вратете го еден час наназад. Летното сметање на времето во 2022 година завршува на 30 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад, времето во 03:00 часот се смета како 02:00 часот.

Експертот за спиење Ејприл Мајер, вели дека поместувањето на часовникот влијае на нашите модели на спиење, што може да направи да се чувствуваме многу уморни и да ја влоши нашата концентрација. Ова може да трае со недели затоа што луѓето се будат порано откако ќе се смени часовникот.

  

Промовирани огласи »

Речиси три четвртини од европските потрошувачи ги намалуваат секојдневните неопходни работи, вклучително и храната, за да врзат крај со крај во услови на влошена криза и зголемени трошоци за живот.

Новото истражување покажува дека 71 процент од потрошувачите на шест клучни пазари во Европа веќе направиле значителни промени во начинот на купување бидејќи се борат со инфлацијата достигнувајќи нивоа невидени во последните четири децении.

Извештајот на ИРИ, компанија за анализа на податоци и истражување на пазарот, исто така откри дека 58 отсто од потрошувачите веќе изјавиле дека го намалиле купувањето на основните артикли, а 35 отсто од нив влегле во лични заштеди и подигнале заеми за плаќање сметки.

Јасно е дека подготвеноста на потрошувачите да трошат страда и тој тренд веројатно ќе се влоши - со веројатност за понатамошни нагло зголемување на цените со оглед на високите трошоци за влез и променливата цена на енергијата - рече Ананда Рој, потпретседател на ИРИ.

Блумберг пишува дека зголемувањето на цените на храната, горивото и енергијата ги еродира буџетите на домаќинствата ширум Европа, додека прекинувањето на гасот од Русија ги принудува домаќинствата и индустријата да се подготват за потенцијални прекини на струја во оваа зима. Довербата на потрошувачите ширум континентот останува блиску до рекордно ниско ниво и се зголемуваат стравувањата дека еврозоната се движи кон рецесија.

Сериозниот „инфлациски замор“ со кој се соочува просечниот европски потрошувач принудува низа „приспособувања на однесувањето“ кои не се забележани од строгите 1970-ти и 1980-ти - рече Рој.

Тие вклучуваат прескокнување оброци, префрлување на синџири за намирници со попуст, купување артикли со етикета за попуст, како и застарена стока.

Додека производите надвор од сезоната што се достапни во текот на целата година може сè уште да бидат достапни за богатите купувачи, опсегот што се нуди во средниот и долниот крај на синџирите на супермаркети ќе стане „значително потесен“.

 Промените не се случуваат само во неделната трговија. Нешто повеќе од половина од Европејците во студијата на ИРИ - во која беа анкетирани 3.000 потрошувачи - рекоа дека планираат да го намалат купувањето на храна, а 47 отсто рекоа дека помалку ќе јадат надвор во ресторани, барови или кафулиња.

Без знаци за паѓање на инфлацијата во блиска иднина, трговците на мало и потрошувачите ќе мора да продолжат да се прилагодуваат.

Има некои тешки одлуки за клиентите, а трговците и брендовите ќе мора внимателно да размислат како ќе одговорат на потребите на клиентите - посочи Рој.

ФОТО: EPA/TOLGA AKMEN

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »