Здруженијата Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети и официјално ќе се соочат со забрана за користење на имињата.
Откако пратениците денеска на пленарна седница, ги усвоија измените на Законот за здруженија и фондации во рок од три месеци спорните клубови ќе треба да го усогласат својот назив пред Централен регистар откако за тоа ќе добијат позитивно мислење од Комисијата за употреба на имиња. Ако не добијат согласност ќе бидат избришани.
Со измените сега се забранува упис на организација ако називот, името, програмата, целите и дејностите им се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Македонија, поттикнуваат и одобруваат фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх. Законските измени се на предлог на опозициската ВМРО ДПМНЕ а ги поддржаа и пратениците од владејачкото мнозинство со што беа изгласани со 67 гласаа ЗА.
Сметам дека навистина после се она што се случуваше во последните денови е исклучително важно да се оградиме од ваквите случувања, да не дозволиме да ни се формираат такви здруженија во државата, и ова е начинот како практично може да се стави браната, изјави – Соња Мираковска – Пратеник од НСДП.
Предложените законски измени на двете партии следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“во Охрид. Потоа беше формирано Советодавно тело, чиј прв тест беше употребата на името Цар Фединанд за ново здружение во Богданци кое беше одбиено. Финалната одлука ќе ја има Централниот регистар, појаснуваат од Министерството за правда.
Одлуката дали ќе се дозволи регистрацијата со тој назив е на Централниот регистар, Министерството за правда само ќе го проследи до нив мислењето на советодавното тело.-Министерство за правда.
Но сега извесно е дека и ова ад хок тело ќе ја промени својата структура со оглед на тоа што според законот ќе премине во Комисија за употреба на имиња, која биде составена од пет члена – по еден ќе предложат министерствата за правда и култура, еден член ќе биде од Институтот за национална историја и уште две места ќе пополнат членови на МАНУ.