Како што најавија, од 6 часот утрово приватните превозници започнаа со блокади на булеварот „Илинденска“.
Тие ги паркираа своите автобуси на крајот од сообраќајните ленти, на потегот од зградата на Владата до крстосницата кај МИ-ДА, „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ го бараат неисплатениот долг од ЈСП Скопје. Викендов ќе се бара решение за настанатата ситуација, но ако не дојде до истото, приватните превозници најавуваат целосна блокада на сообраќајот во Скопје.
Тоа би значело одржување на протести на крстосниците кај „Мавровка“, кај Црвен Крст, како и целосно блокирање на „Илинденска“.
Директорот на „Слобода превоз“, вчера на прес-конференција рече дека денешната блокада ќе покаже дали ќе се изнајде некое решение, а и најави продолжување на истата во текот на викендот и следната недела. Тој најави дека околу 200 автобуси ќе бидат паркирани пред објектите на Град Скопје.
Град Скопје, пак, вчера информираше дека го раскинува договорот со приватните превозници, како што соопштија - заради неисполнување на обврските од страна на превозниците. Од здружението на приватни превозници за ова реагираа со информација дека ќе ја оспорат одлуката пред суд.
Во Скопје утрово, токму заради протестот на превозниците, има посебен сообраќаен режин на „Илинденска“. Според информациите на МВР, посебен сообраќаен режим има од крстосницата на бул „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“ до крстосниците со бул. „8 Септември“ и околните улици. МВР со апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите од полициските службеници.
Се очекува во текот на денот да има и реакција од Град Скопје за протестот и дали ќе се изнајде соодветно решение, за да не дојде до целосна сообраќајна блокада во главниот град од понеделник.