На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи.
Според Одлуката оваа мерка ќе се применува до 30 април 2023 година.
Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани, се наметна потребата да се продолжи рокот на примена до 30 април 2023 година. Дополнително на тоа, Владата на Република Северна Македонија овозможи од 1 декември оваа година да се користи субвенционирана електрична енергија кај домашните производители на основните прехранбени производи, се додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија. Целта е со субвенционирана електрична енергија кај домашните производители и регулирана трговска маржа, на пазарот да имаме корегирани цени, напиша министерот Бектеши на својот Фејсбук профил.
Во опфат на мерката ќе продолжат да бидат следните производи: леб бел; сечен на парчиња или цел; шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) со 5% трговска маржа за трговците на големо (тука се и производителите) и трговците на мало.
Потоа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500; макарони и шпагети од тврда пченица; македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; јајца; урда; кравјо бело сирење и мешано бело сирење; кашкавал; кисело млеко и павлака и јогурт со 10% трговска маржа за трговците на големо (тука се и производителите) и трговците на мало.