Нашата земја повторно е меѓу најнесреќните во регионот и воопшто на европско тло.
Македонија се наоѓа на 92. место, а Финска повторно е најсреќната земја. Таа четврти пат по ред ја има титулата во најновиот Светскиот извештај за среќа World Happiness Report. Oва е статистичка анализа која покажува кои се најсреќните земји во светот.
Најдобро рангирана земја од регионот е Словенија на 29. место, Србија на 48. место, Хрватска на 59. место и Босна и Херцеговина на 63. место, а по нив следи Црна Гора на 71.
Експертите анализираа податоци од анкети од 149 држави, особено следејќи ги перформансите во шест категории. Се сметаат бруто домашен производ по глава на жител, социјална политика и здрав животен век. Земени предвид се и слободата да се направи сопствен животен избор, дарежливоста на населението како и нивото на корупција.
Првите седум најсреќни земји во светот се северноевропските држави. По Финска се Данска со 7.620, Швајцарија со 7.571, Исланд со 7.554, Холандија со 7.464, Норвешка со 7.392 и Шведска со 7.363 бодови.
Најмалку среќна земја во светот за живеење е Авганистан, која се најде на 149 место. Таму имаат ниска стапка на очекуваниот животен век и ниските стапки на бруто домашниот производ по глава на жител. Последните пет се дополнети со Зимбабве, Руанда, Боцвана и Лесото.
Сите истражувања кои се правени последните години покажуваат дека Македонија е лошо место за живот, а Македонците се едни од најнесреќните народи. Единствено, за евтина храна, Македонија беше меѓу првите во Европа, но тоа беше во 2020 година.