Тие што сметаат дека нашата држава дава подобри услови за живот, ќе го најдат патот, исто како нашите сограѓани кои веруваат дека поквалитетен живот можат да најдат во Западна Европа, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, одговорајќи на новинарско прашање во врска со увозот на работна сила во земјава.
Според него, долгорочните решенија, сепак, се бараат кај нашите граѓани кои мора да ја сфатат нужноста од преквалификација и доквалификација зашто некои работни места од пред 30 години, веќе не постојат.
Мора да се следи трендот, а Владата, напомена вицепремиерот, креира можности и никогаш не била, ниту ќе биде тука за некого да носи на грб. Како што истакна Битиќи, прашањата како што е увозот на работна сила, мора да се отвораат и да се разговараат. Подобро да бидеме подготвени, потенцира, отколку затечени од ситуацијата.
Сум кажал дека долгорочните решенија ги бараме кај нашите граѓани. Мора да сфатиме дека доживотното учење не е само на хартија и на зборови, туку треба да се докфалификуваме и реквалификуваме, да сме во тек со работните места кои се отвораат. Работни места кои постоеле пред 30 години, веќе ги нема, се бараат нови вештини и знаења. Владата никогаш не била тука да носи некого на грб, туку креира можности. Нуди законски можности, елиминирање на бирократските процедури, креира можности секој да си го најде местото. Веќе 3 000 и нешто од квотата 5 000 е затворена. Ддодека ние зборуваме приватниот сектор ги наоѓа решенијата сами, изјави Битиќи пред презентацијата на 10-те стартапи поддржани од акселераторот УКИМ.