Една од најактуелните ИТ-професии денес е и мрежниот инженер, но со истата и не сме запознаени премногу. За тоа што сѐ работи мрежниот инженер, атрактивноста на оваа професија, каде можат да се стекнат овие знаења и кои се идните трендови, разговаравме со Тони Трпковски, член на групацијата „Сеавус“, каде што работи како дел од Managed Services-дивизијата, којашто е во постојан раст и е рангирана во топ 100 MSP’s (Managed Service Providers) на светско ниво. Својата кариера ја започнува како студент на ИТ-Академијата „Александрија“ и е дел од првата генерација. По завршувањето останува да работи во „Александрија“ како инструктор, а потоа станува дел од тимот на „Сеавус“, како систем -интегратор и дел од клиентската поддршка во Њујорк.
1. Што всушност работи мрежниот инженер и кој е степенот на одговорност на оваа професија денес?
Живееме во време кога компјутерските технологии се присутни во секоја сфера. Кога ќе овозможиме комуникација меѓу повеќе компутери со цел споделување на информации, сме направиле едноставна компјутерска мрежа. Мрежниот инженер е оној кој го има знаењето да постави, унапредува и одржува една компјутерска мрежа во компанија, како и да ја поврзе таа мрежа со останати мрежи од други компании или глобална мрежа на светско ниво. Тоа се решенија кои им овозможуваат на сите вработени да ја извршуваат својата работа непречено. Во суштина, мрежниот инженер е оној кој поставува жичена и безжична инфраструктура, обезбедува проток и достапност до информации, но и заштита од внатрешни и надворешни напади.
2. Кој профил на луѓе се предодредени за оваа професија?
Оние луѓе кои ги интересираа поврзаноста на нештата, кои сакаат да ја гледаат поголемата слика, а да не се задржуваат само на својот монитор, секако би ја одбрале професијата мрежен-администратор. Дури и да се насочат на друга ИТ-позиција понатаму, знаењето за мрежи ќе им овозможи полесно да ги исполнуваат своите задачи.
Јас, на пример, во моментот не работам како мрежен инженер, но таа специјализација ми помогна полесно да носам стратешки одлуки во однос на инфраструктурата на компанијата.
Затоа, без мрежните администратори и инженери, било која компанија е невозможно да опстане.
3. Евидентна е атрактивноста на оваа професија. Што според вас ја прави оваа професија високо-побарувана во светски рамки?
Неопходноста. Едноставно не може да се замисли функционирање на еден систем без добра мрежна инфраструктура. Доколку нема интернет, програмерите не можат да работат на околини кои не се во локална мрежа. Доколку не функционира локалната мрежа нема да можат да се остваруваат исполнуваат секојдневните обврски. Компанијата мора да има стручни луѓе кои ќе ја “бранат и хранат” мрежата.
4. На што работите во моментов?
Во моментов сум дел од Managed Services дивизијата во „Сеавус“. Се работи за дивизија која е меѓу поновите во компанијата, но е брзорастечка. Во моментов брои околу 80 инженери, сите со позадина и разбирање од администрација на мрежи и системи со понатамошна специјализација во одредена бизнис-технологија или решенија како системи за телеком-оператори, банки, финансиски институции, други ИТ-компании итн. Сите нѐ обединува сличната основа на знаењето, почетоците на нашите кариери, односно систем-администрација и познавање на мрежни протоколи, сервиси и генерално сѐ што опфаќа една ИТ- инфраструктура.
5. Како котираат платите на мрежните инжинери и какви се градациите во титулите, односно можностите за напредок?
Платите на мрежните инженери се споредливи во висина со платите на програмерите. Иако, од гледна точка на волумен во моментов на пазарот ќе забележите поголем број на побарувања за програмери, сепак недостиг за квалификувани мрежни инженери постои и е во нагорна линија. Од гледна точка на градација, стандардите се воглавно исти, почетно, средно и сениор-ниво. Напредувањето е секогаш присутно, секое стекнато искуство во нова технологија секако носи напредок.
6. Како и каде се создаваат најдобрите мрежни инженери во Македонија?
Рецептот е јасен. Специјализирани обуки, добра пракса, а секако и искуство. Поради овие причини, програмата за мрежен инженер во „SEDC“ е скоро идеална. Формулирана е да ја опфати основата во повеќето области со кои би се сретнал еден мрежен инженер на своето работно место. Токму затоа, најдобриот студент од оваа Академија ќе биде дел од нашиот тим во „Сеавус“, во потрага сме по најдобриот мрежен инжeнер J
7. Какви се прогнозите за развојните трендови на оваа професија во следниве 10 години?
10 години за ИТ е навистина долг период и е тешко да се предвиди, па би рекол дека во следните 3-5 години значително ќе се зголеми потребата за познавање на cloud базирани технологии од една страна, а контрадикторно или не, способноста за заштита на компјутерски системи и податоци ќе биде сѐ поизразена. Поради недостиг на доволно квалификуван кадар, оваа професија постојано ќе биде во тренд.