Едно мало девојче живеело во сосема мала, скромна куќа високо на еден рид, си играло во малата градина и растело опкружено со љубовта на родителите.
Кога малку потпораснало и можело да гледа преку оградата, со часови стоело во градината гледајќи ја големата куќа на соседниот рид. Девојчето им се воодушевувало на златните прозорци на големата куќа и посакувало да живее таму, во тој прекрасен дом со златни прозорци.
Секој ден, размислувала како ќе работи напорно за да може да ја купи куќата од нејзините соништа со златни прозорци и големи тераси.
Кога пораснала, еден ден се упатила кон големата куќа неможејќи да дочека да ја види нејзината убавина и раскош одблизу.
Кога се приближила до куќата, разочарувањето било огромно. Куќата била запуштена, а прозорците многу валкани. Немало ама баш ништо убаво кај таа напуштена и осамена куќа, никаква радост, ниеден знак на живот.
Тогаш, сосема случајно, девојчето погледнало на спротивниот рид. Осветлена од сонцето, на ридот гордо стоела нејзината мала, сиромашна куќичка со златни прозорци!
Она за што девојчето копнеело и сонувало, цело време било пред неа. Иако далеку од дома, девојчето можело да ја почувствува топлината на својот дом, радоста и среќата кои доаѓале од нејзината златна куќичка.
Љубовта, топлината на домот создадена од семејството и звуците на смеа и радост се оние кои прозорците ги обојуваат со златна боја.
Наредниот пат кога ќе почувствувате дека она што го имате не е доволно и не сте среќни, само потсетете се на приказната за куќичката со златни прозорци од соништата на девојчето и веднаш ќе се развеселите.