Ако планирате да купите нов стан, а некој од познавачите на економските состојби во неформален разговор ви рече: „сега не е време за големи вложувања, а ќе биде уште полошо“, најдобро би било да му верувате.
Оти, како што тврдат нашите соговорници, инаку врвни познавачи на економијата, цената на становите не само што нема да се намалува и да се стабилизира, туку и дополнително ќе расте.
Најголемиот скок на цената на квадратот, според експертите, се очекува во декември годинава, односно тогаш кога ќе престане да важи повластениот данок од 5 отсто за продажба на станови.
Градежниците, пак, објаснуваат дека голем број фактори влијаат на состојбите во градежништвото – зголемената побарувачка и намалената понуда, честата промена во цените на градежните материјали, промената на цените на градежните парцели, високиот надоместок за комуналии, променливата цена на работната рака на градежниците…
-Не им е лесно ни на инвеститорите, ни на градежниците, а да не зборувам за купувачите. Цената на становите допрва ќе се зголемува, а и сега е прилично висока. За да купите стан во центарот на Скопје или во развиените населби како Аеродром или Карпош, потребно е да потрошите цело богатство. А воопшто не е евтин квадратот ниту на периферијата на Скопје. Во моментов, ако сакате да купите стан во скопско Ново Село, некаде помеѓу населбите Даме Груев и Волково, потребно е да издвоите 950 до 1.200 евра за квадрат. Но, таква е реалноста, бидејќи висока е цената на градежните материјали за изградба на објектите. Освен материјалите, треба да се има предвид дека за цели 50 проценти се зголемени комуналиите во општините, а да не спомнувам дека градежни мајстори не се наоѓаат лесно и скапо чинат. Лошо е тоа што квалитетните градежници веќе одамна работат за достоинствена плата во странство, а тука, со чест на исклучоци, се останати оние кои не се најквалификувани и обучени мајстори. Затоа и објектите ни се такви какви што се – објаснуваат експерти од областа на градежништвото.
Според статистиката, од јануари до април годинава се издадени вкупно 713 одобренија за градба, а речисти половина од нив се однесуваат на објекти од висока градба меѓу кои и станбени згради во кои ќе бидат сместени 2.842 станови.
Само во Скопје и во скопските општини се издадени 289 одобренија за градба.
Најактуелни скопски населби за градење сѐ уште се централните општини Карпош и Центар, но и Илинден и Петровец кои се наоѓаат на неколку километри од градот.
Според официјалните податоци на агенциите за недвижности, цените на становите се движат од 1.800 до 2.200 евра за квадрат во центарот и околу центарот на главниот град.