Во време на ковид-кризата фирмите беа поддржани со низа мерки од државата. По принципот на солидарност, оние фирми кои оствариле екстра профит, како резултат на минатогодишните случувања на пазарот, а од кои голем дел користеле претходно владини мерки, треба да придонесат преку плаќањето на данокот за солидарност, средства кои ќе се користат исклучително за новиот пакет антикризни мерки за граѓаните и фирмите. Ова е една од пораките во рамки на вчерашното гостување на министерот за финаннсии, Фатмир Бесими во дебатата со претставниците на бизнис секторот на Тв 24.
Министерот за финансии истакна дека најголем дел од компаниите кои оствариле екстра профит лани, за повеќе од 20% од просекот од претходните три години и подлежат на данокот на солидарност се околу 40% фирми од енергетскиот сектор, околу 40% се фирми од финансискиот сектор, игри на среќа и трговија на мало и остатокот од 20% се фирми од други дејности.
Бесими посочува дека солидарниот данок се носел низ инклузивен процес со повеќе јавни расправи, но и билатерлани средби со коморите, уште од декември 2022 година. Во самите расправи се прифатени нивни сугестии од кои едната се однесува на годините кои се земаат за основицата за пресметка, што влијаеше и намалување на фискалниот ефект на оваа мерка од 90 на 50 милиони евра.
Импликациите од Законот за данок на солидарност се 50 милиони евра. Средствата се наменски и се одредени за антикризни мерки. Ако не, тие средства ќе треба да се обезбедат на друг начин, а тоа е задолжување со камата од минимум 7%. Тие средства повторно ќе ги платат даночните обврзници - ние, идните генерации, но со многу повисок трошок, рече министерот Бесими.
Данокот на солидарност се воведе во повеќе земји на ЕУ. Тој се состои врз два принципи - екстра добивка создадена од конјуктурата во пазарот и солидарноста.
Свесен сум дека компаниите нема да кажат фала за законот за солидарност, бидејќи им се наметнуваат нови давачки. Но, кои се импликациите? Импликациите доколку не се реализира данокот на солидарност, кој бил дискутиран, за кој средствата се наменски, се одредени за антикризни мерки, тие средства ќе треба да се обезбедат на друг начин, а тоа е задолжување со камата од минимум 7%. Тие средства повторно ќе ги платат даночните обврзници - ние, идните генерации, но со многу повисок трошок, посочи министерот Бесими.