Војната меѓу Израел и Хамас ја потресе светската економска слика, која и онака не беше сјајна, па така деновиве цените на нафтата имаа драстичен скок. Тоа повлекува и поскапување на многу производи, бидејќи како што растат цените на суровата нафта, така и заканата од висока инфлација повторно ја зафаќа светската економија.
Зголемување на цените на енергијата
Поскапувањето на енергенсите во последните години стана горлив проблем кој влијае на глобалната економија, но и на секојдневниот живот на граѓаните. Зголемувањето на цените на нафтата, гасот и јагленот директно се рефлектира на трошоците за транспорт, производство на енергија и греење на домовите. Освен што го оптоварува буџетот на домаќинствата, ваквата состојба доведува и до зголемување на цените на многу производи и услуги, што дополнително ги зголемува инфлаторните притисоци.
Цената на тоалетната хартија, бришачите и се што е од целулоза се зголемува за 30 отсто
Цената на целулозата во Кина постојано се зголемува, што може сериозно да влијае на растот на цената на тоалетната хартија и бришачите во Европа. Се проценува дека овие производи ќе поскапат за цели 30 проценти и дека никој нема да го избегне овој негативен светски тренд. Поскапувањето на овие производи е надополнето и со скокот на цената на енергенсите, кои се двигател на скапите машини, а кои се неопходни во производството.
Поскапува шеќерот
Според податоците на Лондонската меѓународна берза ICE, цените на фјучерсите на шеќерот (терминологија за договор за купување и продажба, според кој испораката и плаќањето ќе се врши во иднина) биле на врвот на 19 септември, кога надминале 27,5 центи за 0,453 килограми шеќер. Побавната обработка на шеќерната трска во Бразил, како и моменталната суша во некои индиски региони поради климатскиот феномен Ел Нињо ги загрижува трговците.
Се зголемува и цената на маслиновото масло
Тоа не е се, екстремните горештини на кои е изложен јужниот дел на Европа од април го земаат својот данок на маслинови дрвја - втора година по ред родот ќе биде помал од очекуваното бидејќи дрвјата за да да се заштитат од суша и жештина, да им го испуштат плодот порано, а резултатот е поскапување на маслиновото масло. Шпанија, најголемиот светски производител на маслиново масло, е најпогодена од глобалното затоплување. Температурите во април веќе достигнаа 40 степени Целзиусови, а од високите горештини страдаат и маслинови насади во Италија и Грција.