Торент сајтот за симнување на содржини The Pirate Bay најде нов начин како да ги финансира своите операции, а тоа е преку компјутерската комбинирана моќ на самите посетители.
Корисници откриле дел од код на сајтот на The Pirate Bay кој го активира компјутерот за да ја „копа“ криптовалутата при што се создава вредност на блокчејн и се добива биткоин.
„Пиратите“ за TorrentFreak откриле дека веќе некое време ја тестираат оваа опција за правење биткоини бидејќи не наоѓаат други легални начини да заработат и да ја продолжат онлајн битката за која тие сметаат дека е поврзана со слободата на говор и информирање.
Сигурно ваквите активности нема драстично да влијаат врз корисниците бидејќи да бидеме реални 99% од содржините се нелегални иако идејата на самиот сајт е слободно да се разменуваат информации на интернет без никакви реперкусии.
Доколку „копањето“ на биткоини на The Pirate Bay целосно ги замени досегашните нападни реклами од кои повеќето се од сомнителни извори тоа може да биде и добар чекор бидејќи ќе се намали изложеноста на корисниците на вируси. Од друга страна пак, без нивно знаење и избор драстично ќе се намали репутацијата на The Pirate Bay во торент заедницата.