Во 2024 година, увозот на возила во Македонија достигна рекордни бројки, особено кај новите автомобили. Според податоците на Царинската управа, вкупно се увезени 54.651 возила, од кои 13.168 се нови, а 41.483 половни. Ова е значителен пораст во однос на 2023 година, кога биле увезени 43.212 возила. Растот кај новите автомобили е речиси 30%, а кај половните над 25%. И покрај ваквиот раст, граѓаните сè уште немаат државни субвенции за купување нови возила, без разлика дали се бензински, дизел или електрични.
 (48).jpg)
Во регионот, Србија, Албанија и Црна Гора воведуваат построги мерки за увоз на половни возила, ограничувајќи ги на оние со ЕУРО 5 стандарди, но во Македонија засега нема такви регулативи. Ова отвора ризик земјата да стане дестинација за постари, загадувачки возила од соседните држави. Владата последно ја измени регулативата во октомври 2023 година, зголемувајќи ги давачките за луксузни и еколошки штетни возила, со цел усогласување со европските стандарди и исполнување на обврските од Климатскиот договор од Париз.
Бројот на регистрирани возила во Македонија расте, а во 2022 година достигна 569.871, од кои над 483.000 се патнички автомобили. Во Скопје бројот на регистрирани возила надмина 200.000. Иако владата воведува повисоки даноци за постарите возила, засега нема конкретни мерки за ограничување на нивниот увоз, што предизвикува загриженост за квалитетот на воздухот и животната средина.