Владата на седница во вторникот донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи производи или на повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи. Најниска маржа од 5% е поставена за основните осум прехранбени производи како што се млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Маржата е ограничена на 10% за месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, како и за грав, ориз и тестенини. Свежото овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна и хигиенски производи имаат маржа од 15%, како дел од мерка за справување со високите цени.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, најави дека овие мерки ќе придонесат за намалување на цените на основните прехранбени производи просечно за 10%, освен за одредени основни категории каде цените ќе останат стабилни. Одлуката уследи откако граѓаните двапати ги бојкотираа маркетите поради високите цени, а од Министерството за економија и труд се очекуваат натамошни мерки за регулирање на цените.

Тагови: Влада на РСМ маркети основни производи