Над 160 веб страници за нелегално обложување ќе бидат забранети во првиот бран од стапувањето на сила на измените на Законот за електронски комуникации, информираше денеска во Штип, министерот за дигитална трансформација. Нелегалните приредувачи на игри на среќа ќе ги анализира Државна лотарија, од каде, до министерството ќе се испрати нотификација со табеларен приказ на веб страниците кои треба да се забранат.
Ние ја ажурираме, ја испраќаме како налог за забрана до Агенцијата за електронски комуникации, која ја забранува преку телеком операторите. Како што кажав и при носењето на Законот, оваа трка ќе биде постојана, нема само еднаш да го правиме тоа, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
На овој начин граѓаните се штитат и од злоупотреба на лични податоци, картички и сметки во банка, но и ќе се штити буџетот од излевање на средства, кои би требало да се слеат по основ даночна обврска. Измените веќе детектирале 160 страници кои нелегално приредувале игри на среќа, а се очекува таа бројка да расте со текот на времето.