Промовирани огласи »

Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп објави дека телекомуникациската група „Sprint“ и американската сателитска компанија „OneWeb“ ќе создадат нови 8.000 работни места во САД, а одлуките на компаниите се дел од претходно најавениот договор меѓу Владата и јапонската „SoftBank Group“, пренесува „Ројтерс“.

„SoftBank“ поседува удели и во двете компании, а нејзиниот главен извршен директор – милијардерот Масајоши Сон, порано во декември откри дека ќе инвестира 50 милијарди долари во САД и ќе создаде 50.000 работни места.

Во јануари „Sprint“ објави дека ќе укине 2.500 работни места во земјата, како дел од планот да скрати 2,5 милијарди долари трошоци. Во средата таа најави дека ќе создаде 5.000 места во области како продажба и грижа за корисниците до крајот на фискалната година, која завршува во март 2018-та година.

Портпаролот на „Sprint“ Дејв Тоувар вели дека работните места се дел од планот на Масајоши Сон, но ќе бидат финансирани од „Sprint“.

На 19-ти декември „SoftBank“ и „OneWeb“ објавија дека јапонската компанија води нов круг на финансирање за 1,2 милијарди долари.

„OneWeb“ планира да користи средства за да изгради фабрика во Флорида и да произведува поевтини сателити, создавајќи речиси 3.000 работни места во компанијата и нејзините доставувачи.

„SoftBank“ го опиша делот од 1 милијарда долари од финансирањето како првата транша од 50-те милијарди долари, ветени од Сон за време на средбата со Трамп.

Не е јасно дали 50-те милијарди долари инвестиција на „SoftBank“ ќе бидат дел од технолошкиот инвестициски фонд од 100 милијарди долари, кој компанијата го објави порано во оваа година во соработка со Саудиска Арабија.

Промовирани огласи »

Австрискиот туризам е познат ширум светот по гостопримството и одличната кујна, но угостителите се потешко наоѓаат готвачи и келнери, предупредуваат претставници од секторот за туризам во Економската комора на Австрија.

Се бара овие две занимања да се сврстат меѓу кадрите кои недостасуваат во Австрија, како би се довела работна сила од земјата надвор од ЕУ, како што се Македонија, Србија, БиХ.

Според податоците, шеф на кујна заработува помеѓу 2.500 до 3.000 евра месечно, таканаречен „су-шеф“ околу 2.000, а готвач од 1.600 до 1.800 евра.

Промовирани огласи »

Истражувачкиот институт SolAbility го објави својот годишен извештај Global Sustainable Competitiveness Index, во кој се споредуваат земјите во светот во нивното ниво на развој и отпорноста на нивната економија. Студијата составува листа на земјите кои имаат најдобри алатки за стимулирање на економскиот раст во иднина. Рејтингот се заснова на “моделот на конкурентност, кој ги вклучува сите столбови на одржливиот раст: присуството на природен капитал, управување на земјата, интелектуален капитал, социјална кохезија”.

Секоја страна добива одреден број на поени од максимални 100.

5. Исланд – 56.0

Оваа изолирана островска нација со население помалку од 400 илјади лица редовно се рангира на првите места во различни меѓународни класификации. Во оваа студија Исланд покажала најдобар индикатор за “државно управување”. Единствениот послаб макроекономски показател e високата инфлација, која стигна 10% пред кризата, но за време на кризата не беше заменета со дефлација, како во многу развиени земји.

4. Данска – 56.0

Данска е индустриско-аграрна земја со високо ниво на развој. Уделот на индустријата во националните приходи е повеќе од 40%. Земјата е на 1-во место во светот во однос на надворешната трговија и промет по глава на жител. Главниот извоз на стоки e инженеринг на производи, месо и месни производи, млечни производи, риба, фармацевтски производи, мебел. Токму поради скромните залихи на природните ресурси, данската економија се потпира речиси исклучиво на човечки ресурси. Секторот на услуги зазема голем дел од пазарот на трудот и економијата. Развојот на пазарната економија на Данска е зависен од увозни суровини и надворешна трговија.

3. Финска – 56.2

Земјата се рангираше на 4-то место според критериумот “природен капитал”. Финска е една од економски најразвиените земји од ЕУ надвор од еврозоната. Долго време предностите на Финска се политичка стабилност, отворена економија, напредна инфраструктура и сигурност на телекомуникациите, како и високото ниво на соработка помеѓу претпријатијата, научни и технолошки центри и универзитети.

2. Норвешка – 59.4

Норвешка го освои 2-рото место според нивото на економска конкурентност. Највисоки индикатори таа зазема во критериумите “државно управување” – 3-то место и 1-во место во параметарот “општествен капитал”. Владата ги контролира клучните сектори на економијата, особено нафтениот сектор. Иако земјата има и други природни ресурси (шуми, минерали, водни ресурси), нафта секторот обезбедува 30% од приходите во буџетот на Норвешка.

1. Шведска – 60.9

Лидер на листата на Global Sustainable Competitiveness Index е Шведска – единствената земја која има повеќе од 60 поени. Шведска го зазема 2-рото место со два параметри: “природен капитал” и “иновации”. Економијата на Шведска е добро развиена, ориентирана кон извоз. Главните ресурси на економијата се дрва, хидроцентралите и железната руда. Земјата располага со модерна инфраструктура, одлични внатрешни и надворешни комуникации, и висока работна сила. Околу 90% од производството е произведено од приватни компании, како Ericsson AB, SKF, Alfa Laval Group, IKEA, AGA, Dino Nobel. Над 50% од нив се во областа на машинството. Земјоделството произведува само 2% од БДП на земјата.

Промовирани огласи »

Четири компании добија награди за најуспешни претприемачи за 2016 година, на  синоќешното  јубилејно 10. издание на престижната манифестација „Претприемач на годината“.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Деан Бадаревски од „Софа студио“ – Скопје, а втората награда на Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ – Битола.

Првонаграден во категоријата на микро претпријатија е Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ – Тетово, а втората награда  ја доби Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ – Скопје.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2016“ е направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Педесет и шест микро и мали претпријатија, во периодот од 2013 до 2015 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции.

Во услови на двегодишна политичка неизвеснот, надворешни влијанија на мигрантската криза, како и потешкотиите во економиите на соседните земји, многу е важно да ги поздравиме компаниите кои три години по ред континуирано бележат раст со што успеаја да влезат во категоријата на најдобри мали и микро претпријатија, изјави на доделувањето на наградите  претседателката на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска.

Главни организатори на „Претприемач на годината 2016“ се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Коорганизатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија.

На манифестацијата „Претприемач на годината“ во изминатите десет години се наградени 40 претприемачи, а Министерството за економија додели вкупно шест специјални награди. Идејата на организаторите е да се поттикне претприемачкиот дух, преку промоција на успешни примери.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »