Објавен јавен оглас за вработување на осум инспектори-инжинери на неопределено време.
Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено Факултет од областа на информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство и најмалку четири години работно искуство.
Слободните работни места се отворени во Агенцијата за национална безбедност, која за првпат од своето основање, објави јавен оглас за вработување.
Кандидатите, меѓу другите услови кои треба да ги исполнат, треба да дадат согласност и за полиграфско тестирање.
За кандидатот кој ќе го одбие, се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Агенцијата која игра клучна улога за безбедноста и стабилноста на државата.
Агенцијата за разузнавање има постојано отворен конкурс за вработување. Во свото петипол годишно постоење АНБ користеше кадри од претходната УБК или преземаше службеници од другите безбедносни служби.
Интересно е што на конкурсот за осумте инспектори воопшто не се бара сертификат или доказ за познавање на англиски или друг странски јазик што е норма во разузнавачкото работење, а и не е наведена возраст како ограничување за кандидатите.
Како што денеска соопштија од АНБ, ова претставува историски чекор во насока на транспарентноста и инклузивноста, што ја потврдува определбата на Агенцијата да ги следи највисоките стандарди во процесите на човечки ресурси и да им даде можност на сите граѓани што ги исполнуваат критериумите да станат дел од професионален тим посветен на заштита на националните интереси.
Јавниот оглас се однесува на засновање на работен однос на неопределено време за вкупно осум извршители. Заинтересираните кандидати треба да ги исполнуваат општите и посебните услови утврдени за конкретните работни места, при што се очекува висок степен на стручност, одговорност и интегритет. Образецот за аплицирање е достапен на официјалната веб-страница на Агенцијата за национална безбедност – www.anb.gov.mk во делот „Транспарентност“.
Со оваа иницијатива, Агенцијата испраќа јасна порака дека отвора ново поглавје во начинот на функционирање, градејќи институционална култура која ги препознава вредностите на компетентноста, еднаквите можности и професионалната етика. Ова е повик до сите квалификувани граѓани да се пријават и да станат дел од тимот што ја штити безбедноста на нашето општество. Дополнително, оваа отвореност кон јавноста претставува значаен чекор кон зајакнување на довербата меѓу институциите и граѓаните. Со воспоставување на транспарентни практики во процесот на вработување, Агенцијата за национална безбедност се позиционира како современа, професионална и одговорна институција, подготвена да се соочи со безбедносните предизвици на денешницата со капацитети и кадар кој ги отсликува вредностите и потенцијалот на нашето општество, се наведува во соопштението од АНБ.
Тагови: Агенцијата за национална безбедност инспектори-инжинери