Нови избори би биле голем удар за стопанството. Во таков случај ќе продолжиме со стагнација, дури и регрес на планираниот економски раст, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Битиќи, кои се директните последици од политичката криза, која трае предолго, врз економијата, во која најмногу засегнат е бизнис секторот, зашто на бизнисот му е потребна стабилна и мирна политичка клима, која, за жал, по изборите се уште ја нема?
За жал има директна последица, а тоа е стагнацијата на економскиот раст, којашто сите очигледно ја гледаме. Ние како Стопанска комора на северозападна Македонија веќе на неколку пати сме кажале дека таквата политичка криза директно ќе влијае. Изминатата година ја завршуваме веројатно со рекордно најниско ниво на економски раст, а од друга страна самото стопанство, самите бизниси сè уште продолжуваат да имаат проблеми со ликвидност, со тековното работење, со неподмирување на тековните обврски, овде вклучувајќи ги државните институции, а и раскинување на договори или ставање на некои договори во стагнација, затоа што не можат да ги спроведат поради потешкотиите во нивното спроведување.
Може ли политичари кои се осомничени за криминал и корупција, кои беа обелоденети со „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата, да ја компромитираат економијата создавајќи нелојална конкуренција и други проблеми и може ли бизнис секторот да се избори против тоа?
Главните принципи што ние ги бараме од следната влада се транспарентност и отчетност, а второ е владеење на правото. Владеење на правото затоа што сметаме дека тоа ќе обезбеди функционалност на сите институции, на различните нивоа, ќе осигура праведно и афирмативно спроведување на закони, што е неопходно за едно стопанство. Овде нема да навлегувам дали истите луѓе тоа да го направат, но сметам дека ако постигнеме соодветно владеење на правото, дека тоа е единствениот излез на Македонија од оваа политичка криза.
Целото интервју можете да го видите во видеото на РСЕ подолу: