За прв пат се распиша јавниот повик со кој се субвенционираат електрични тротинети.
За оваа намена градските власти решија да издвојат скоро милион денари а јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Целта на оваа мерка е стимулирање на граѓаните за помасовно користење електрични тротинети како алтернативно превозно средство, соопшти Град Скопје.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Условите за учество се исти како и кај јавниот повик за субвенции за велосипеди. Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во главниот град, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот. Потребно е да се достави и доказ дека е извршено купување на нов електричен тротинет и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.
Средствата кои Градот ќе ги издвои за субвенционирање за купување електрични тротинети се средства кои беа неискористени од буџетот за субвенции за велосипеди, поточно субвенции за велосипеди за лица со посебни потреби.
Не возиме велосипеди, но ќе возиме ли електрични тротинети?
Тежат до најмногу 15 килограми, со едно батериско полнење може да се возат до 30 километри, а брзината која ја постигнуваат е 30 километри на час. Субвенцијата за купување на електричен тротинет која ја најави град Скопје на граѓаните им остави простор за размислување дали со тротинетот би можеле да одат на работа и колку е паметно да се купи. Дел од граѓаните сметаат дека на таков начин ќе ја избегнат гужвата, другите се за, затоа што нема да бараат паркинг. Во секој случај на запад возењето електричен тротинет е се поприсутно. Ако се омасови, во Скопје може да биде позитивно и за намалувањето на загадувањето, голем проблем на главниот град во зимскиот период.
Популарни ширум светот, прифатливи за рамна површина како во Скопје
Кинезите дефинитивно се број еден нација која користи електрични автомобили, а проценки која земја најчесто ги користи електричните тротинети засега нема, но од она што го гледаме и на улиците во европските градови е дека употребата на ова превозно средство во подем расте се повеќе.
Нивната предност е малата тежина. Тежат од 10 до 15 килограми, а имаат релативно висока моќност и носивост. Некои модели развиваат брзина и до 35 километри на час. Развојот на технологијата овозможи овие алтернативни превозни средства да можат да поминат и до 30 километри со само едно батериско полнење.