Промовирани огласи »

Конференцијата за дигитални комуникации, All Web, на 16-ти ноември се одржа во Скопје. На сцена се појавија врвни говорници од Европа и светот, за да ги споделат своите искуства и научени лекции. Во фокусот на седмото издание беше ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА - КЛУЧНА ЗА БИЗНИСОТ. Се зборуваше и за иднината на социјалните медиуми и за други актуелни теми од светот на маркетингот и онлајн комуникацијата.

На конференцијата учество зазедоа: МетДесмајер - директор на компанијата за стратешки комуникации WiseOldUncle, Владимир Тошиќ- менаџер за дигитални комуникации во TheCoca-ColaCompany за југоисточна Европа, Драган Варагиќ- консултант за дигитална трансформација и автор на книгата Дигитален Пре-маркетинг и др.

KARIERA.mk имаше прилика да се дружи со дел од посетителите, како и да ги презентира своите услуги.

Промовирани огласи »

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која го одржа завршниот состанок во Министерството за финансии, оценува дека е исправно што Предлог-буџетот за 2019 година е фокусиран на оддржливоста на пензискиот систем, промовирањето на социјалната еднаквост и поддршката на вработеноста.

ММФ, како што наведуваат во соопштението, оценува дека предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Според прелиминарните оценки на ММФ, овие мерки, заедно со поддршката за вработеноста и инвестициите, ќе резултираат со привремено зголемување на фискалниот дефицит на 3 отсто од БДП во 2019 година, и потоа негово намалување на 2,4 отсто од БДП на среден рок.

Со цел долгорочна одржливост на пензискиот систем, според ММФ потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како порестриктивни услови за предвремено пензионирање и зголемување на возраста за пензионирање.

ММФ, исто така нотира дека, со цел подобрување на покриеноста и таргетирањето на социјалната помош, буџетот предвидува консолидација и замена на постоечките видови помош, вклучувајќи го и додатокот за трето дете, со гарантиран минимален доход базиран на потребите и со социјална пензија. Понатаму, според мисијата, предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок.

Мисијата, стои во соопштението, смета дека промените во данокот на личен доход го зголемуваат данокот на доход од капитал и ја подобруваат рамнотежата на даночниот товар меѓу лицата со висок и низок доход.

ММФ препорачува постигнување нула примарен дефицит на среден рок со цел постигнување јасна надолна тракеторија на јавниот долг. За ММФ охрабрувачки се и треба да продолжат неодамнешните реформи за зајакнување на управувањето со јавните финансии и подобрување на фискалната транспарентност.

Исто така, се наведува дека мерките за зајакнување на рамката за мониторирање на неплатените обврски во јавниот сектор и предложените измени што ги поврзуваат општинските буџети со реализацијата на приходите се чекори во правилна насока.

Според основната проекција, јавниот долг ќе го достигне максимумот од 54,7 отсто од БДП во 2021 година.

Во Завршното соопштение на тимот на ММФ се наведува дека враќањето на политичката стабилност и напредокот кон решавањето на проблемот со името значително ги подобриле перспективите за отварање на преговорите за членство во ЕУ, повеќе од 12 години после добивањето на кандидатскиот статус.

За да се искористи оваа можност и да се осигура посветла иднина преку повисока продуктивност и побрза конвергенција на доходот, клучни се структурните реформи за надминување на долго-постоечките слабости на пазарот на труд, правосудството и јавната администрација.

Реалниот БДП во 2018 година е проектиран на два отсто, при поволни макроекономски услови, односно ниска инфлација, опаѓачки дефицит на тековната сметка и позитивни трендови на девизниот пазар. Со опоравувањето на инвестициите, се очекува забрзување на растот на БДП на 2,8 отсто во 2019 година и понатамошно интензивирање на 3,5 отсто на среден рок, во услови на инфраструктурни вложувања и силен извоз.

Според ММФ, во минатата деценија ослабнале јавните финансии, што го ограничува просторот за справуање со шокови. Поточно, постојаните примарни дефицити, водени од опаѓачките даночни приходи и растечките тековни расходи, резултирале со удвоен јавен долг во претходната деценија. Во 2018 година, се очекува дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 2,6 отсто од БДП, а јавниот долг 50,5 отсто од БДП.

Мисија на Меѓународен монетарен фонд беше во годишен преглед на македонската економија од 8-ми овој месец. Целта на посетата беше спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија.

На завршниот состанок во Министерството за финансии, присуствуваше министерот Драган Тевдовски и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска.

Промовирани огласи »

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за платниот промет, објавено е на Единствениот национален регистар на прописи на РМ. 

Според постојното законско решение, фирмите кои имаат блокирана сметка до крајот на 2018 година можат меѓусебните парични побарувања и обврски да ги намируваат преку компензација, асигнација, цесија и преземање долг уште една година.

На 1 јануари 2019 година требаше да престане можноста правните субјекти што имаат блокирани трансакциски сметки да вршат плаќање на овој начин, но фирмите ќе добијат уште една година за ваквата можност.

Во образложението пишува: „Основната цел поради која се предлага овој Закон е одложување на примена на одредбата од членот 25 став (1) од Законот за уште една година, со што правните субјекти со блокирана сметка до крајот на 2019 година ќе можат меѓусебните парични побарувања и обврски да ги намируваaт преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг.“

Промовирани огласи »

Во 2019 година по барање на невработените лица, освен досегашните основни обуки за ИТ вештини, за првпат АВРМ ќе спроведе обуки за напредни ИТ вештини, напредни степени на странски јазици и други обуки за кои има интерес.

Покрај тоа, обезбедени се финансиски средства за обуките за невработени лица за Б, Ц и Д категорија за возачи, но се чека одлуката од Второстепениот управен суд по поднесената жалба за изборот на економски оператор од страна на останатите оператори.

За МИА, директортката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска истакна дека по добивањето на одлуката ќе се знае дали ќе се распише нов тендер за избор на нов оператор или ќе продолжи постапката со сегашниот економски оператор.

Во секој случај, таа нагласи дека финансиски средства се обезбедени за оваа година и истите ќе преминат во реализација во наредната година.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »