Промовирани огласи »

Извршителите почнуваат со работа по нови правила, утврдени со изменетиот Закон за извршување, но и понатаму ќе наплатуваат по старите цени.

Новата законска регулатива за извршувањето, објавена во Службен весник пред една недела стапува во сила од денеска, но Министерството за правда има рок од три месеци, или до крајот на март наредната година за да го изготви новиот тарифник за извршување, со кој, според најавите на премиерот Зоран Заев, наградите и другите трошоци за извршителите се намалуваат за 20 до дури 90 проценти.

До донесување на Тарифникот, единствено олеснување во делот на трошоците е она наведено во самиот Закон, кое се однесува за граѓаните со неплатени сметки за комунални услуги. Така, од утре при наплатата на таквите долгови на граѓаните надоместоците и наградата на извршителот не смеат да надминат 20 проценти од главнината. Досега се случуваше да бидат неколкукратно повисоки од главниот долг.

Надоместокот за обработка на предметот се определува во зависност од висината на главното побарување. Трошоците се определуваат во реален износ, а надоместокот за спроведените дејствија се определува според видот, обемот, времетраењето и местото на извршувањето. Вкупниот износ на надоместоци и награда определени врз основа на став (1) од овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, не може да надминат 20 проценти од главниот долг определен во извршната исправа, стои во Законот.

Со новата регулатива, меѓу парите во кои извршителите не смеат да чепкаат, се додаваат и оние исплатени како хуманитарна помош или надомест на штета од елементарни непогоди. Се решава и проблемот со блокирање на сметки кои не смеат да се блокираат, за кои до вчера банките наплатуваа провизии за одблокирање во висина и до три илјади денари.

Така, доколку се блокирани средства од социјална, хуманитарна помош, алиментација, минимална пензија и слични примања од кои не смее да се извршува, трошоците за одблокирање од денеска ги плаќа банката, а извршителот нема право да наплати надомест. Креирано е и решение за поекономично извршување од сметка, особено во случаите кога се блокираат сите сметки на должникот. Тој проблем се решава со точно утврдување начин на кој извршителот ги префрлува парите меѓу банките, со што присилната наплата поевтинува, а се надминуваат и другите негативности од овој начин на извршување, кој инаку е најчест и со кој се соочиле голем број граѓани.

Исто така, за да се избегне евентуална наплата на ист долг од повеќе извршители, ново правило е доверителот да побара извршување со приложување оригинални документи или со изјава заверена на нотар.

Се враќаат и старите решенија за продажба на запленет недвижен имот, сменети со претходната верзија на Законот за извршување која беше во примена од почетокот на минатата година до вчера. Сега повторно се овозможува трето јавно наддавање, но само на барање на доверителот и најрано три месеци, а најдоцна една година по второто. Притоа, цената на недвижноста не смее да се намали за повеќе од една третина.

Со измените на Законот казните за извршителите се преполовени и наместо од 500 до 5.000 евра изнесуваат од 250 до 2.500 евра во денарска противвредност.

Неодамна, на предлог на пратениците и од власта и од опозицијата, Собранието донесе Закон со кој на старите долгови за сет комунални услуги граѓаните можат да побараат и да добијат отпис на каматите.

Инаку, новините во извршувањето почнуваат да се применуваат во услови кога извршителите претпразничнос блокирале над 80.000 сметки.

Промовирани огласи »

За 12 отсто ќе се намали цената за пренос на природен гас, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика. 

На овој начин со намалувањето на цената на пренос на природен гас Регулаторната комисија за енергетика сака да испрати сигнал за сериозна гасификација на Република Македонија. Цената за дистрибуција во Струмица и Куманово останува иста, а додека цената за дистрибуција во технолошко индустриските зони во Скопје ќе се намали за три отсто“, рече Марко Бислимовски претседател нa РКЕ, пренесе Алсат.

Промовирани огласи »

Дали имате сознанија дали градинките ќе работат на втори јануари? Како родители кои работат во приватен сектор и ќе работиме на тој ден ќе се снајдат за чување на своите деца? Чинам одлуката на Владата требаше да биде категорична за сите, а не вака…

Ваков хаос настана еден ден по одлуката на владата, на втори јануари да не работат вработените во јавната и државната администрација, а препорака е оваа одлука да ја следат и единиците на локалната самоуправа и приватниот сектор.

Граѓаните револтирани на социјалните мрежи пишуваат дека не е во ред да се одлучува селективно за неработни денови, како и дека немаат сите „баба сервсис“ за да во толку краток период обезбедат кој ќе им ги чува децата. За многумина градинката им е втор дом. Пишуваат дека работодавиците од приватниот сектор не се така великодушно расположени и дека сепак втори јануари за нив е работен ден. И овој пат според граѓаните ваквата недоволно обмислена одлука им прави само проблеми, а не добро или позитивно чувство во духот на празниците.

Кај граѓаните се јави и паника, што е со болниците/ амбулантите? закажаните прегледи? Дали и тие нема да работат? Дел од нив кои треба да дојдат од други градови во клиниките во Скопје, коментираат дека им е навистина важно дали ќе им мрзне детето по патиштата или не.

Бурни реакции можеа да се видат и на твитер: „Роди ме мајко без совест, фрли ме во администрација“, е само една од многуте статуси со револт кои ја опишуваат состојбата во која власта непотребно ги стави граѓаните.

Но има и такви кои сметаат дека сепак се работи само за еден ден и оправдуваат дека нема ништо лошо во тоа админситрацијата да не работи на втори јануари. Она што е важно како што пишуваат дека денот не се дава гратис туку ќе се „одработи“.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата рече дека денот мора да се одработи, бидејќи се работи за одлука која не е дел од законското решение, туку е одлука на Влада.

Се работи за дел од традицијата од минатото која е во интерес на граѓаните на Република Македонија. Владата го прогласи за неработен ден за јавната и државната администрација, а им препорачуваме на единиците на локалната самоуправа и на приватните компании, ако можат, да ја следат оваа одлука. Овој ден ќе се одработи во текот на годината бидејќи не е дел од законското решение, туку е одлука на Влада, појасни Бошњаковски.

Промовирани огласи »

Дефицитот во Фондот за пензиско инвалидско осигурување во изминатите години постојано се зголемуваше, по што се наметна прашањето за негова одржливост на долг рок.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, само во последните 10 години тој е зголемен за 150 проценти и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. Мислењата на експертската јавност, но и од меѓународните финансиски институции за стабилизирање на Фондот беа различни, од тие за намалување на дефицитот преку зголемување на старосната граница за пензионирање, зголемување на стапката за пензиски придонеси или комбинирање на овие мерки. Но, сите се согласни дека, покрај некоја од ваквите мерки, треба да се избегне праксата за ад хок зголемување на пензиите, како и во истовреме да се работи на зголемување на економскиот раст и отворање нови и повеќеплатени работни места.

Од МТСП најавија реформи преку зголемување на придонесите за 0,5 отсто за стабилизирање на Фондот и намалување на дупката од 310 на 275 милиони евра годишно. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека реформите во пензискиот систем треба да овозможат праведна и стабилна исплата на пензиите и негова одржливост за 50 години од денеска. Нагласи дека со предложената реформа нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите.

По 12 години правиме вистинска и темелна анализа на пензискиот систем, нешто што беше заборавено и беше постојано ставано под тепих. После една година излегуваме со оваа реформа што ќе ја спроведеме заедно со институциите во пензискиот систем. Имаме минимална корекција на придонесот од 0,5 проценти, втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во вториот столб од пензискиот систем, а тоа е денот и годината на раѓање. Сите оние кои се родени до 1.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб. Со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Исто така, ќе може сите оние кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб. Во моментов во таква ситуација се вработените во МВР и во МО, што ги става во поповолна положба. Но, најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние кои имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си добијат поповолни пензии, рече Царовска.

Додаде дека се зголемува и процентот на пресметка на пензии во двостолбниот систем. За мажи процентот се зголемува од сегашните 0,75 на 1 процент, а за жени од 0,86 на 1,14 проценти.

Ако по денешниот систем оние што се во двостолбен систем се пензионираат ќе добијат максимални 30 проценти од платата. Со новиот систем што го воведуваме ќе добијат 40 проценти од максималната плата, што значи поповолни пензии и стабилна исплата на пензии за идните пензионери. Пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно како што е законски регулирано со растот на трошоци на живот. Доколку во претходната година има раст од четири проценти на БДП имаме дополнително усогласување во истата година, рече Царовска.

ММФ, пак, неодамна излезе со став дека предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Но, како што посочуваат оттаму, со цел долгорочна одржливост на пензискиот систем, потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како порестриктивни услови за предвремено пензионирање и зголемување на возраста за пензионирање.

Зголемувањето на старосната граница беше предлог и на Светската банка, но од Министерството за труд и социјална политика уште пред објавувањето на реформата, беа децидни дека тоа нема да биде една од мерките за заздравување на пензискиот систем.

Анета Трајковска од Стопанска комора на Македонија  потсетува дека во својот последен извештај и токму Светската банка предупредува дека државниот пензиски фонд е доведен во опасност, а оти во прашање е доведена и одржливоста на Фондот и на среден рок и на долг рок.

Проблемот го лоцираа во новокреираните работни места субвенционирани од Владата кои практично значат помали приходи во касата на Фондот. Дополнителен ризик што ќе притиска врз касата на Фондот е иселувањето на младите работоспособни луѓе, кои се важни за полнење на Фондот. Вкупната бројка на досега отселени од земјава е огромна, и се работи во најголем дел за младо работоспособно население, што предизвикува односот „вработен – пензионер“ да станува сè помал, а самото тоа ја загрозува тековната одржливост на Фондот, вели таа.

Структурата на проблемот со Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според неа, започнува уште пред скоро три децении, бидејќи од 1991-1998 година земјава има најголем пад на вработувањето. Заклучно со 1998 година, скоро 35 осто од населението било невработено, а дијагонално спротивно на тоа бројот на пензионери пораснал за 69 отсто.

Бизмерковиот модел може и е применлив да функционира така што најмалку или минимум тројца вработени да издржуваат еден пензионер, но во 1991 година тројца вработени издржувале еден пензионер, а сега односот е околу 1,6 вработени издржуваат еден пензионер, вели Трајковска.

Истовремено, од 2000 година наваму има побрз раст на расходите за пензии од изворните приходи на Фондот на ПИОМ, што го зголемија дефицитот во Фондот. Порастот на дефицитот во Фондот на ПИОМ е пред се е резултат на два клучни фактора, воведувањето на вториот столб во 2006 година и преносот на средства од првиот кон вториот столб и втор повеќе значаен фактор, кој има сериозно влијание започнувајќи од 2008 година, е неусогласениот тренд на зголемување на пензиите, во повеќе наврати, кој е најчесто над износот предвиден за усогласување и над стапката на пораст на домашната економија.

До 2008 година, економијата, во просек, растела за 3,1 проценти, а пензиите за 2,9 проценти, додека по 2008 година, економијата растела, во просек 2,4 отсто, додека пензиите речиси тројно повеќе или за 6,5 отсто. Дополнително, помалиот пораст на приходите во Фондот за ПИОМ, главно, беше движен и од намалувањето на стапката на социјалните придонеси од 21,2 отсто на 19 отсто во 2009 година и на 18 отсто во 2010 година, вели таа.

Трајковска смета дека реформата треба да опфати промена на уредувањето на методологијата за пресметка на обврските по основ на плаќање на придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување во функција на солидарната, но и во функција на пазарната компонента, а сето тоа во насока на креирање на уредувањето на соодносот меѓу највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија што може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот паѕ-ас-ѕоу-го) и тоа или преку намалување на максималниот износ на кој се плаќаат придонеси, или преку зголемување на највисокиот износ на пензија што може да биде исплатена од државниот фонд,

Потоа таа потенцира и дека за решавање на дефицитот во Фондот за ПИОМ решението треба да се бара и во запирање на постојаното зголемување на пензиските издатоци и нивно сведување најмногу на растот на економијата, запазувајќи го моментот на зголемување на конкурентноста на македонската економија, која ќе овозможи раст на вработеноста, платите и животниот стандард, а со тоа и пораст на приходите на Фондот.

Потоа, она што е особено битно за реалниот сектор е да се користат комбинираните реформи на пензискиот систем, бидејќи даваат подобри резултати и главно поради фактот што тие го распоредуваат товарот од пензиската реформа на сите засегнати страни, смета Трајковска.

Пензиската реформа, додава, треба да биде комбинирана со цел товарот да се подели помеѓу моменталните генерации, помеѓу засегнатите страни, додека пак имплементацијата да биде постепена и скалеста за да не ја загрози и онака кревката економија.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »