Од денес, во Бугарија, електронските вињети се купуваат од шалтерите на големите бензински пумпи, поголемите супермаркети и во Бугарската пошта. Електронските вињети се исто така достапни преку специјализираната страница bgtoll.bg, мобилна апликација и терминали за самонаплата.
Инаку, на терминалите за самонаплата, покрај бугарски јазик, може да се избере опција на англиски, германски, романски, српски, грчки, турски и руски, но не и на македонски јазик, иако голем број Македонци патуваат кај источниот сосед, особено во зимските и бањските центри.
Се очекува до крајот на месецот терминали за самонаплата и каси да има и на сите гранични пунктoви, како на банкоматите за подигање пари. Шефот на агенцијата за патишта, инж. Светослав Глосов, изјави за БНР дека на повеќе од 4.500 места ќе можат да се купат вињетки.
Поради тешкотиите и грешките при подигнувањето на системот, од агенцијата „Патна инфраструктура“ најавија дека до 15 јануари ќе биде во сила грејс период во кој возачите без вињети нема да бидат казнети, туку ќе им се објаснува како да ги купат.