Не се знае дали пазарџиите ќе куртулат од новите правила за работа на пазарите. Министерот за економија вели дека неговиот ресор не е надлежен за примената на законот, туку групата пратеници кои го предложиле. Корекции може да направи само кај подзаконските акти.
Јас одржав состанок со Стопанската комора на Македонија, каде што се договоривме тие да достават конкретни предлози, што до сега не се доставени до Министерството за економија. Ние сме подготвени уште утре кога ќе ги добиеме конкретните предлози да навлеземе да видиме дали може да направиме измени во овој дел, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Пазарџиите не се доволно информирани за начинот на работа според новите правила, иако законот веќе се применува. Велат дека сè уште нема инспекции на пазарите, но се забележува дека се откажуваат тезги.
Додека организаторите на пазари со допис до сите надлежни институции бараат да се одложи или измени Закон, Комората на трговци веќе почна да издава лиценци за закуп на тезги.
Комората на трговци е подготвена и веќе издава лиценци. Значи, наместо да се регистрира во Централен Регистар, пазарџијата ќе си добие лиценца и таа лиценца него ќе му претставува фирма, со тоа што нема влезни и излезни фактури и нема сметководство, вели Екрем Долек, претседател на Комора на трговци на Македонија.
Со законот што стапи на сила од почетокот на годинава на пазарите не може да работат пензионери, трговци поединци, хонорарци или вработени лица. А за закуп на тезга треба да се поседува лиценца, што пазарџиите ги чини дополнителни 60 евра за период од една година.