Се уште се работи на подзаконските акти, односно на правилникот со кој ќе се регулираат „паушалите“ кои им одземаат по околу 1.000 денари на исклучените граѓани од системот на парно-греење иако не добиваат таква услуга.
Организацијата „Но пасаран“ и снабдувачите со топлинска енергија се уште бараат заеднички јазик, потврдија од Регулаторна комисија за енергетика.
Претседателот на комисијата, Марко Бислимовски, напомена дека при посетите што ги направиле регулаторите, покажале дека дел од граѓаните биле во право кога бараат да не плаќаат парно, бидејќи воопшто не добивале топлинска енергија.
Иако нова регулација за исклучените од системот најави и централната власт, по повеќе од година и пол нема решение за овој проблем, а Бислимовски се надева дека овој проблем ќе биде регулиран од средината на февруари.
Денеска потврди дека корисниците кои редовно ги плаќаат сметките за парно нема да бидат оштетени со новите правила за снабдување.
Корисниците кои редовно ги плаќаат своите сметки на ниту еден начин нема да бидат оштетени со новите правила за снабдување со електрина енергија, бидејќи не е фер коректните потрошувачи да го поднесат товарот за оние кои што биле исклучени од системот. Како и да решиме за исклучените потрошувачи, тоа нема да биде на товар на останатите потрошувачи, потенцира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Околу 12.000 домаќинства во Македонија, особено во Скопје, се исклучени од системот, но мора да плаќаат паушал кој се движи околу 1.000 денари во зависност од големината на површината на станот.