Без застои во колони пред патарините, барање ситни пари, чекање кусур и фискална за да се крене рампата, од мај годинава ќе се вози по Коридорот 10.
Од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта неодамна најавија дека и на македонскиот дел од овој европски патен коридор за четири месеци ќе се вози како низ Европа, без застои, зашто наплатата на патарините ќе биде електронска.
Во употреба ќе влезат бесконтактни смарт-картички кои за почеток ќе се купуваат пред патарините. Подоцна ќе ги има низ продажната мрежа, каде што ќе можат и да се надополнуваат, нешто како билетите за градскиот превоз во Скопје. За оние кои почесто возат по автопатиштата низ државата најавена е можност за употреба на микробранови транспондери, кои ќе им овозможат да поминуваат низ наплатните станици без застанување, доколку се движат со брзина не поголема од 30 километри на час. Сепак, во првата фаза од воведувањето на електронската патарина, ќе се остави можност и за плаќање во готово.
Овој проект всушност требаше да се реализира уште лани летото, но работите се одолговлекоа поради реконструкцијата на рампите.
Според најновите инфромации од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, сега градежните работи на патарините кај Велес, Сопот, Отовица и Романовце веќе се завршени, а во завршна фаза е и патарината кај Петровец. Се чека да се доврши и патарината кај Градско, која би била готова за месец и половина. При крај е и изградбата на центарот за мониторинг и контрола, преку кој ќе се следи работата на сите наплатни станици на автопатиштата. Тој центар е лоциран спроти патарината кај Петровец, а според Китанов се гради според европскиот модел за контрола на сообраќајот. Инвестицијата изнесува 18,6 милиони евра и кога ќе биде комплетно готов, ќе стартува електронската наплата.
– Преку Центарот ќе се контролираат сите патарини на коридорите 10 и 8, а со него ќе бидат поврзани и камерите што во иднина треба да бидат поставени покрај сите автопатишта, контролните пунктови во Неготино кај автопатот Демир Капија-Смоквица и тој што ќе се гради во Кичево за автопатот кон Охрид. Има и посебен Кол-центар каде што ќе може да се пријават проблеми на патиштата. Од Центарот ќе може да се контролира и мониторира целиот сообраќај во Македонија. Што било да се случи, навреме ќе може да се пренасочи сообраќајот и да се интервенира, појасни тој при неодамнешната посета на центарот кој е во изградба.
Министерот Сугарески, пак, најави дека овој центар ќе биде готов идниот месец, а тој е последната инвестиција пред да се стартува со електронската наплата на Коридорот 10.
– Во мај треба да биде пуштена новата патарина кај Гевгелија, а до јуни и таа кај Демир Капија. На автопатот Миладиновци-Штип, кој треба да биде пуштен наскоро, на почеток ќе се вози бесплатно бидејќи допрва ќе стартува изградбата на двете планирани патарини.
Со пуштањето на Центарот ќе се олесни протокот на возилата на патарините и ќе се намали метежот, особено во летниот период, рече тој.
Китанов пак, појасни дека рампата кај Демир Капија ќе се пушти подоцна, затоа што нејзината изградба е проблематична поради потребата да се отстрани свлечиште. Тој додаде дека кога ќе се пушти новиот автопат Миладиновци-Штип, кој е готов и чека само технички прием, сообраќајот кон источна Македонија ќе се пренасочи по него и прометот на патарините кај н Сопот и Отовица ќе опадне. Но, патарините на Миладиновци-Штип допрва ќе се градат, затоа што претходно не биле проектирани и не биле извадени дозволи за градба.
По Коридорот 10, електронска наплата се планира да се воведе и на Коридорот 8. На тамошните патарини веќе се поставени нови кабини, но треба да се менува софтверот и да се постават камери за категоризација и читачи.
И покрај воведувањето на електронските патарини во ЈПДП не планираат да го намалат бројот на вработени. Напротив, непосредно пред најавата дека електронската наплата на патарината долж Коридорот 10 ќе почне во мај, се објави оглас за вработување на 84 лица на патарините. Кинтанов се правда дека тоа не се нови вработувања туку се продолжувања на истечени договори за работа. Тој вели дека работници на патарините ќе бидат потребни и понатаму, затоа што воедувањето електронски патарини низ земјата ќе биде подолг процес, а извесен период паралелно со електронското во функција ќе биде и плаќањето во кеш.