Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија вчера ја информираше јавноста дека до целосната промена на сите документи ќе издава односно веќе почна со издавање потврди на граѓаните за документите што се издадени од министерството (лични карти, уверенија за државјанства, возачка дозвола) кои не го содржат новото име на државата “Република Северна Македонија”. Направени се и првите регистарски таблички со новиот код „NMK“.
Со овие потврди се валидизира важноста на документите што се презентираат во странство односно во амбасадите на државите што тоа го бараат. Потврдите се со нов печат и новото име ,,Република Северна Македонија“. Потврдите се издаваат во Одделот за граѓански работи за државјани на Република Северна Македонија и лица кои уживаат меѓународна заштита во земјата, а во Одделот за гранични работи и миграции за странци кои по било кој основ престојуваат во државата.
Оваа постапка следува по Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот на безбедност на Обединетите нации, а која се однесува за престанок на важење на референцата ФИРОМ, како и уставните измени за новото име на државата Република Северна Македонија.
Потенцираме, за патување во странство на државјаните на Република Северна Македонија не им треба никаква потврда туку тоа се остварува со патната исправа што ја поседуваат, а на излегување од државата во патната исправа се става печат дека патната исправа е сопственост на Република Северна Македонија.
Фото: 21ТВ