Секојдневно се повеќе се зголемува бројот на електрични возила по скопските улици. Според искуството на градската администрација на градот Скопје електричните автомобили се полнат со обичен приклучок 10 часа, а со посебен приклучок за 4 часа.
Зголемувањето на бројот на електрични возила на улиците, неопходно е да биде проследен со зголемување на бројот на станици за полнење на ваквите возила. Најголем хендикеп на електричните возила е малиот радиус на движење, а единствен начин за надминување на овој проблем е добро распространета и достапна мрежа на станици за брзо полнење на возилата низ државата.
ЕВН во соработка со општините веќе започна иницијатива „Електромобилност со ЕВН“ со цел развој на инфраструктура за полнење неопходна за поголемо користење на електрични возила во секојдневниот живот.
Покрај полнењето во своите домови, за да можат да патуваат на поголеми дистанци, на сопствениците на електрични возила им се потребни и полначи достапни на јавни површини. Полначите е неопходно да се поставени во правецот на движење на возачите и на дистанци до 100 километри еден од друг.
Полначи за електрични возила веќе неколку години има во двете катни гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“, пред бараките на градот Скопје, како и на паркингот пред зоолошката градина.
Од ЕВН информираат дека се поставени над 40 станици за полнење електрични возила на централни јавни локации во 17 града во Македонија.
Заинтересираните сопственици на електрични возила за да ги користат полначите најпрво треба да се пријават за електронска картичка, додека користењето на електричните полначите во период од една година, како што најавуата од ЕВН, е бесплатно за сите корисници.