Како и секоја година, на затворањето на фестивалот „Синедејс“ беа прогласени најдобрите и им беа доделени награди. Оваа година, наградите ги освоија:
Филмот „Влажност“ во режија на Никола Љуца е добитник на наградата најдобар филм и „Златна ѕвезда“ во Oфицијалната конкуренција на Фестивалот на европски филм „Cinedays 2016“.
Наградите ги прогласи жирито во состав Чедомир Колар, еден од извонредните продуценти во холивудската индустрија и претседател на жирито, Зринко Огреста, сценарист и режисер, професор по филмска режија на Академијата за драмски уметности во Загреб и член на Европската Филмска Академија во Берлин и македонскиот режисер Игор Иванов – Изи.
Наградата за најдобра режија ја доби филмот „Убијци на тркала“ во режија на Атила Тил, а за најдобро сценарио филмот „Тони Ердман“ по сценарио и режија на Марен Аде.
Во категорија СинеБалкан за најдобар филм во оваа категорија е прогласен филмот „Не ми зјапај во чинијата“ на Хана Јусиќ. И годинава селектор на филмовите во официјалната селекција и во категоријата „Синебалкан“ беше Бернд Будер.
Доделена е награда и за најдобар филм во категоријата Студентска програма, која ја доби Сандра Јовановска за филмот „Страшилото крст“. Таа е студент на Академија за уметност, Универзитет во Нова Горица.
Жирито во состав, Влатко Галевски, Илина Јакимовска и Виолета Караџовска – Стојанова ги прогласи најдобрите на конкурсот за Филмска критика. Првата награда ја доби Фросина Крушкаровска, втората награда е за Владимир Лазороски, а третата награда и припадна на Вероника Камчевска.