Промовирани огласи »

Почитувани компании, на ваши забелешки го подобривме дизајнот и корисноста на KARIERA.mk. Сега полесно ќе може да ги најдете апликантите на вашите огласи. Додаден е линк Апликанти во хедерот на сајтот и поставен е линк до апликантите во самиот оглас.

Промовирани огласи »

Испраќање на “ладен e-mail” може да ве доведе до нов клиент, вработен или дури до нова работа. Сепак, како што веројатно знаете од искуство, обид да стапите во контакт со некој што можеби никогаш не сте го сретнале, може да биде шут во празно.

За среќа, постојат докажани тактики кои можат да ги зголемат шансите да добиете одговор на таквиот e-mail.

Кит Фераци, автор на најпродаваниот водич за успешна кариера “Never Eat Alone”, открива што “запалило” во неговиот случај. Еве што препорачува Фераци кога испраќате електронска порака од тој тип.

Нека вашиот наслов на меилот го привлече нивното вниманието

Без разлика што пишувате, вашата e-mail пошта нема да биде прочитана ако името на меилот не е интересно.

Фокусирајте се на вашиот адут, без разлика дали тоа е вашиот заеднички контакт или специфичната вредност што можете да ја понудите, пишува Фераци.

Испратете го на почетокот или на крајот од денот

Вработената личност најверојатно нема да ја забележи вашата порака ако ја испратите за време на работното време. Испраќањето на e-mail нека ви биде првото нешто што ќе го направите наутро или оставете го за крајот на работниот ден. Тогаш, најверојатно, лицето со кое се обидувате да контактирате ќе ја провери својата пошта.

Пораката треба да е кратка

Размислете како вие го читате примениот e-mail. Ако не можете да дојдете до поентата во првите неколку реченици, многу е веројатно дека таквата e-mail порака ќе заврши во ѓубре.

Поттикнете го лицето да преземе понатамошни чекори

Направете го вашето прво барање да биде јасно и едноставно, советува Фераци.

Наместо да пишувате нешто како “Би сакал да испиеме кафе” или “Сакам да разговарам со вас преку телефон”, предложете им време и датуми што Вас ви одговараат и напоменете колку долго ќе трае повикот/средбата.

Прочитајте го вашиот e-mail на глас

Само на тој начин ќе проверите како навистина звучи вашиот текст и дали е доволно разбирлив и јасен.

Проверете го правописот и граматиката

Бидејќи на интернет лесно можете да најдете голем број на страници за правопис и граматика, немате изговор да во вашата e-mail порака најдат грешка, што ќе укажува на тоа дека сте немарни или сте во брзање.

извор: Денар.мк

Промовирани огласи »

Џек Ма е 54-годишен сопственик на кинеската компанија Алибаба, вомоментов е најбогатиот Кинез и еден од најбогатите луѓе на светот.

Сепак, многумина не го знаат податокот за него, дека тој не бил богат отсекогаш. Џек Ма е роден во многу сиромашно семејство и поради тоа што како мал немал финансии за најосновните потреби, тој бил решен да успее во животот. Но, патот до успехот не му бил воопшто лесен.

Дури десет пати се обидувал да се запише на престижниот Универзитет Харвард, меѓутоа безуспешно. Два пати паднал на приемниот испит на факултетот за просветен работник, па дури во третиот обид успеал да се запише.

Во младоста, Џек Ма имал потешкотии и за пронаоѓање на работа. Тој конкурирал на многу работни позиции, од полиција, администрација до продавач, рецепционер, итн… Конкурирал и во ланецот за брза храна КФЦ, но никаде не добил ниту шанса да започне со работа.

Во неговата Кина ништо не му одело од рака, па тој решил својата среќа да ја побара во Америка, каде што заминал во 1995 година. Во земјата на можностите тој видел што се нуди интернетот, па добил идеја да се врати во Кина и да основа своја фирма за онлајн трговија. Сепак, ниту тоа не му успеало веднаш.

Ма отворил неколку фирми, но сите тие доживеале колапс. Сепак, неговата желба да успее преовладувала, па тој во ниту еден момент не размислувал да се откаже, туку барал начин како неуспехот да го насочи кон успех.

По неколку неуспешни обиди, тој решил во еден стан да покани неколку пријатели и да им ја образложи својата идеја за интернет трговија, која пријателите не ја примиле со воодушевување, туку сметале дека е глупава идеја и само си го потрошиле времето.

Сепак, дел од нив решиле да му дадат поддршка на Џек Маи така во 1999 година е формирана компанијата Алибаба, која сега вреди повеќе од 90 милијарди долари. Таа веќе 20 години е број еден во бизнисот со електронското тргување.

Џек Ма е пример за тоа дека мног неуспеси не значат целосен колапс, туку дека упорноста сигурно ќе ви се исплати и сонот да стане реалност, но никогаш не смееме да се откажуваме од него. Тој е еден од ретките луѓе кои можат да кажат дека сите неуспеси можат да се претворат во еден огромен успех.

Џек Ма со своето искуство сега покрај тоа што е сопственик на една од најголемите компании во светот, тој е мотивациски говорник со цел да ги мотивира сите млади претприемачи да го следат неговиот пример и никогаш да не се откажуваат од својот сон.

Една од неговите најмотивирачки пораки е „Верувајте во себе и кога никој не верува во вас“.

Промовирани огласи »

Во последно време сè повеќе се размислува за скратување на работната недела, бидејќи се смета дека тоа позитивно влијае врз продуктивноста на работниците и им овозможува да постигнат баланс меѓу работниот и приватниот живот.

Во Велика Британија веќе има случаи во кои помали компании ја скратуваат работната недела на четири работни дена, сметајќи дека со тоа, од една страна, ќе им овозможат на своите вработени да имаат повеќе време за себе и за своите најблиски, а од друга страна, да бидат попродуктивни во извршувањето на работните обврски. Британски „Гардијан“ неодамна објави дека работодавачите на помалите компании сè повеќе експериментираат со тоа што на своите вработени им даваат три слободни дена неделно, а платата им останува иста.

Одредени истражувања покажуваат дека преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, а прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството.

Од друга страна, во државите од регионот актуелна е идејата со закон да се прогласи недела за неработен ден за трговските објекти, со што вработените од овој сектор ќе имаат повеќе време да поминуваат со своите семејства, а ќе бидат и попродуктивни во извршувањето на работните обврски.

Ваква пракса веќе е воведена во Грција, каде што во недела не работат трговските објекти. Црна Гора, пак, наскоро се очекува да усвои закон со кој неделата ќе ја прогласи за неработен ден за трговците. Сепак, црногорските власти не планираат да ги затворат сите трговски објекти во недела. Со подзаконски акти се очекува да бидат донесени решенија со кои ќе се дозволи да има исклучоци во туристичката сезона, а од обврската ќе бидат изземени трговските објекти што продаваат продукти неопходни за непречено функционирање на граѓаните. Слична иницијатива е поднесена и во Србија од Самостојниот синдикат за трговија.

Кај нас засега не постои ваква иницијатива. Трговските објекти, без разлика дали се мали или големи, работат и во недела. Граѓаните во недела може да купат весници или цигари од трафиките, облека во продавниците специјализирани за оваа намена, апарати за домаќинство и компјутерска опрема…

Синдикатите и работодавачите се со различен став околу ова прашање. Првите сметаат дека сабота и недела треба да бидат денови на неделен одмор, а вторите велат дека е нелогично да се ограничува работењето на одредени трговски објекти во недела со оглед на нивната спефицична дејност и оти е најдобро секој трговец сам да одлучи како ќе го организира своето работно време.

– Сојузот на синдикатите на Македонија во рамки на активностите за изготвување нов закон за работни односи достави свој предлог на Законот за работни односи до Министерството за труд и социјална политика во текот на февруари 2019 година. Покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство, а во насока на заштита на работничките права и обезбедување баланс меѓу работата и семејството, ССМ предложи ден на неделен одмор по правило да биде сабота и недела, велат од ССМ за МИА.

Од друга страна, од Организацијата на работодавачите на Македонија посочуваат дека прогласувањето на ден за неделен одмор најмногу зависи од видот на дејноста и оти е нелогично да се ограничува работењето во недела, на пример на кафулињата и рестораните.

– Законот за работни односи во членот 134 став 2 регулира дека како ден на неделен одмор може да биде и друг ден во неделата. Со ова им се остава на работодавачите со свој интерен акт самите да одлучат кој ден во неделата ќе се смета за ден на неделен одмор. Се разбира дека ова најмногу зависи од видот на дејноста на работодавачот. По правило разни кафулиња, ресторани и некои други малопродажни објекти неделата ја прогласуваат за работен ден затоа што во тој ден прават и најголем промет. По правило ваквите објекти работат во недела и насекаде во Европа. Бидејќи ние сме мала држава со многу скромен пазар, нелогично е да го ограничуваме работењето на ваквите објекти во недела. Другите малопродажни објекти што продаваат разновидна друга стока, храна, текстил, бела техника итн. исто така би требало да одлучат дали неделата ќе ја заменат со некој друг ден во неделата, а ако се одлучат да работат во сите денови во неделата, тогаш ќе биде потребно да вработат дополнителен број работници, што исто така оди во корист на државата, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачите на Македонија.

Во земјите од Европската Унија различно се толкува ова прашање, но со директива на Европската Унија е пропишано дека работниците мора да имаат ден за одмор. Во Германија, недела и државните празници се пропишани како денови за одмор, но постојат исклучоци, па така во некои градови трговските објекти работат неколку недели годишно, додека Франција во 2015 година им даде можност на градоначалниците да изберат 12 недели годишно во кои ќе работат трговските објекти, но сепак исклучок се продавниците во областите што се посетени од голем број туристи.

Норвешка е најпрогресивна на ова поле, бидејќи во јануари лани Парламентот изгласа да остане во сила забраната за работа во недела, додека Унгарија во 2015 година забрани работа на продавниците во недела, но само по една година ја укина таквата одлука.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »