Промовирани огласи »

Во последно време сè повеќе се размислува за скратување на работната недела, бидејќи се смета дека тоа позитивно влијае врз продуктивноста на работниците и им овозможува да постигнат баланс меѓу работниот и приватниот живот.

Во Велика Британија веќе има случаи во кои помали компании ја скратуваат работната недела на четири работни дена, сметајќи дека со тоа, од една страна, ќе им овозможат на своите вработени да имаат повеќе време за себе и за своите најблиски, а од друга страна, да бидат попродуктивни во извршувањето на работните обврски. Британски „Гардијан“ неодамна објави дека работодавачите на помалите компании сè повеќе експериментираат со тоа што на своите вработени им даваат три слободни дена неделно, а платата им останува иста.

Одредени истражувања покажуваат дека преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, а прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството.

Од друга страна, во државите од регионот актуелна е идејата со закон да се прогласи недела за неработен ден за трговските објекти, со што вработените од овој сектор ќе имаат повеќе време да поминуваат со своите семејства, а ќе бидат и попродуктивни во извршувањето на работните обврски.

Ваква пракса веќе е воведена во Грција, каде што во недела не работат трговските објекти. Црна Гора, пак, наскоро се очекува да усвои закон со кој неделата ќе ја прогласи за неработен ден за трговците. Сепак, црногорските власти не планираат да ги затворат сите трговски објекти во недела. Со подзаконски акти се очекува да бидат донесени решенија со кои ќе се дозволи да има исклучоци во туристичката сезона, а од обврската ќе бидат изземени трговските објекти што продаваат продукти неопходни за непречено функционирање на граѓаните. Слична иницијатива е поднесена и во Србија од Самостојниот синдикат за трговија.

Кај нас засега не постои ваква иницијатива. Трговските објекти, без разлика дали се мали или големи, работат и во недела. Граѓаните во недела може да купат весници или цигари од трафиките, облека во продавниците специјализирани за оваа намена, апарати за домаќинство и компјутерска опрема…

Синдикатите и работодавачите се со различен став околу ова прашање. Првите сметаат дека сабота и недела треба да бидат денови на неделен одмор, а вторите велат дека е нелогично да се ограничува работењето на одредени трговски објекти во недела со оглед на нивната спефицична дејност и оти е најдобро секој трговец сам да одлучи како ќе го организира своето работно време.

– Сојузот на синдикатите на Македонија во рамки на активностите за изготвување нов закон за работни односи достави свој предлог на Законот за работни односи до Министерството за труд и социјална политика во текот на февруари 2019 година. Покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство, а во насока на заштита на работничките права и обезбедување баланс меѓу работата и семејството, ССМ предложи ден на неделен одмор по правило да биде сабота и недела, велат од ССМ за МИА.

Од друга страна, од Организацијата на работодавачите на Македонија посочуваат дека прогласувањето на ден за неделен одмор најмногу зависи од видот на дејноста и оти е нелогично да се ограничува работењето во недела, на пример на кафулињата и рестораните.

– Законот за работни односи во членот 134 став 2 регулира дека како ден на неделен одмор може да биде и друг ден во неделата. Со ова им се остава на работодавачите со свој интерен акт самите да одлучат кој ден во неделата ќе се смета за ден на неделен одмор. Се разбира дека ова најмногу зависи од видот на дејноста на работодавачот. По правило разни кафулиња, ресторани и некои други малопродажни објекти неделата ја прогласуваат за работен ден затоа што во тој ден прават и најголем промет. По правило ваквите објекти работат во недела и насекаде во Европа. Бидејќи ние сме мала држава со многу скромен пазар, нелогично е да го ограничуваме работењето на ваквите објекти во недела. Другите малопродажни објекти што продаваат разновидна друга стока, храна, текстил, бела техника итн. исто така би требало да одлучат дали неделата ќе ја заменат со некој друг ден во неделата, а ако се одлучат да работат во сите денови во неделата, тогаш ќе биде потребно да вработат дополнителен број работници, што исто така оди во корист на државата, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачите на Македонија.

Во земјите од Европската Унија различно се толкува ова прашање, но со директива на Европската Унија е пропишано дека работниците мора да имаат ден за одмор. Во Германија, недела и државните празници се пропишани како денови за одмор, но постојат исклучоци, па така во некои градови трговските објекти работат неколку недели годишно, додека Франција во 2015 година им даде можност на градоначалниците да изберат 12 недели годишно во кои ќе работат трговските објекти, но сепак исклучок се продавниците во областите што се посетени од голем број туристи.

Норвешка е најпрогресивна на ова поле, бидејќи во јануари лани Парламентот изгласа да остане во сила забраната за работа во недела, додека Унгарија во 2015 година забрани работа на продавниците во недела, но само по една година ја укина таквата одлука.

Промовирани огласи »

Од почетокот на 2020 година на банкнотите од по 500 денари ќе биде напишано новото име на Народна банка, а во втората половина на следната година ќе бидат заменети хартиените 10-денарки со официјалниот назив.

Од Народната банка велат дека пуштањето во оптек нема да создаде дополнителен трошок и ќе се прави на редовна основа, но и заради долговечноста на парите кои веќе се пуштени во оптек и макроекономската стабилност.

Ако постапките за јавни набавки завршат во предвидениот рок, се очекува дека парите од хартија во вредност од 500 денари со новото име на институцијата ќе се пуштат во промет до почетокот на 2020 година, додека книжни пари обработени од страна на полимер во износ од 10 денари ќе бидат објавени во вториот квартал на 2020 година, велат од Народната банка.

Промовирани огласи »

Работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство во случаите и во траење определени со закон, како и во случаите кога не работи од причини на страната на работодавачот. Случаите како и условите кога работникот може да да го користи правото на платено отсуство, се утврдува со колективен договор согласно Законот за работни односи. 

Правото на платено отсуство работникот го користи врз основа на одлука која ја донесува работодавачот, при што надоместокот на плата како и другите права што ги корити работникот за време на платеното отсуство, се определуват според времетраењето на користењето на тоа отсуство. 

Работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности (за склучување на брак, раѓање на дете (само за таткото) и/или смрт на близок роднина), до седум работни дена. 

Во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството предвидени се случаите кога работникот има право на платен одмор и колку време. Работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности до 7 работни дена во текот на годината во следните случаи: 

  • за склучување на брак…………………………….. 3 дена 
  • за склучување брак на дете……………………… 2 дена 
  • за раѓање или посвојвуање дете……………….. 2 дена 
  • за смрт на сопружник или дете………………… 5 дена 
  • за смрт на родител, брат, сестра……………….2 дена 
  • за смрт на родител на сопружник…………….. 2 дена 
  • за смрт на дедо или баба…………………………… 1 ден 
  • за полагање на стручен или друг испит за потребите на работодавачот до.…………… 3 дена 
  • за елементарни непогоди до……………………. 3 дена 


Во овие случаи, отсуството од работа се обезбедува и се користи во деновите на траењето на основот врз основа на кој се остварува, без оглед на барањето на процесот на работа. 

Отсуство од работа поради празнување 

Работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за празниците на Република Македонија, кои што се определени како слободни денови од работа и за другите со закон определени слободни денови. Ова право на работникот може да му се ограничи, ако работниот, односно производниот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работата и на празничен ден. Во тој случај работодавачот е должен за секое воведување на работа на државен празник претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот. (види повеќе Неработни денови за 2015 година ) 

Отсуство од работа поради неспособност за работа поради заболување или повреда 

Работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата во случаи на времена неспособност за работа поради заболување или повреда и во други случаи во согласност со прописите на здравственото осигурување. (види повеќе Услови за остварување на правото на боледување ).  

Отсуство од работа заради вршење на функции или обврски од посебни закони 

Право на отсуство од работа со надоместок на плата има работникот заради вршење на непрофесионална функција, на која бил избран на непосредни државни избори, функции, односно должности на кои е именуван од страна на судот, како и работникот кој е повикан на должноста воен обврзник, како и на изведување на одбранбени должности и должностите на заштита и спасување, освен служење на воениот рок, или е без вина повикуван од управни или судски органи (државни советници, членови на општински совети, советници на општини, судии-поротници, судски вештаци, проценители, преведувачи, воени обврзници и друго), на товар на органот или установата каде што ја врши функцијата, односно каде што ја извршува обврската од посебен закон.

Работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв. 

Право на платено отсуство од работа заради образование 

Работникот кој се образува, дошколува или оспособува , како и работникот кој се образува, дошколува или оспособува од сопствен интерес, има право на платено отсуство од работа заради полагање на испити. 

Ако со колективниот договор, договорот за вработување или посебен договор за образование правото не е конкретно определено, работникот има право на платено отсуство од работа за деновите, кога првпат полага испити. 

–ПРАВДИКО–

Промовирани огласи »

Осмоодделенците од училиштето „Блаже Конески“ од Прилеп, Петар Апостолоски, Антонио Барлески и Михаела Наумоска, со нивниот систем за спречување и намалување на последиците од сообраќајни несреќи креиран со помош на уредот микро бит, го освоија второто место на Регионалниот натпревар за кодирање. Овој натпревар се одржа во Белград во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан, во организација на Британскиот совет.

Учесниците на Регионалниот натпревар во кодирање имаа задача да направат проект со кој ќе решат некој реален проблем со помош на микро бит, џебен компјутер со големина колку дланката. Вкупно 13 училишта од шест земји од Западен Балкан учествуваа во натпреварувањето, кое е дел од проектот „Училишта на 21 век“ што го спроведува Британскиот совет. Од Македонија на регионалниот натпревар учествуваа седум ученици од тимови од две основни училишта, „Блаже Конески“ од Прилеп и „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Проектот на тројцата основци од Прилеп е насловен „Транспортен информационен систем со употреба на микробит“.

Системот е составен од хардвер и софтвер кој овозможува подобро надгледување и контрола на сообраќај и оптимизација на сообраќајниот тек. Во него се вклучени камион и станица за прием на сигналите од камионот, при што на камионот се поставени 3 микро бит уреди. Едниот ја мери надворешната температура и го предупредува возачот за ниската температура со звучен сигнал и палење на светло. Вториот при удар испушта звучен сигнал и пали две лед диоди, додека третиот микро бит уред при голем потрес или удар испраќа сигнал за помош. Со намалување на дневната светлина ги пали лед диодите на микробит уредот. Со помош на микробит уредите, кои се потпираат на сензори, овој информационен систем му помага на возилото во несоодветни услови, предупредува на опасност од удари и обезбедува контрола над возилото и возачот во случај на опасност – објаснуваат учениците како функционира нивниот проект.

Првото место на регионалниот натпревар го освои тим од Босна и Херцеговина, чии членови Ана-Марија Тодоровиќ и Немања Рикиќ го претставија проектот за паметна куќа управувана од сензори и поврзана со мобилна апликација. Македонските основци го поделија второто место со тим од Косово, додека третото место му припадна на тим од Црна Гора. Награда за победничкиот тим е патување на Интернационалниот саем на нови технологии Бет Шоу Едукејшн (Bett Show Education) што ќе се одржи во јануари следната година во Лондон.

Денеска имавме можност да ги видиме проектите научилиштата кои беа дел од пилот-фазата на програмата што се имплементираше во изминатите две години. Благодарение на инвестицијата од 10 милиони фунти од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, сега сите училишта во Западен Балкан имаат свои микро бит уреди. На овој начин, Британскиот совет ќе овозможи милиони ученици да стекнат нови дигитални вештини, како и вештини за критичко размислување и решавање проблеми што ги бараат модерните работодавци – рече Клер Сирс, директор на Британскиот совет за Западен Балкан.

Во оценувањето на проектите, жирито го зеде предвид критичкото размислување и решевањето проблеми, како и тимската работа и вештините за кодирање.

Паметна куќа, сензори за паркирање, медицински тајмер, се само некои од проектите со кои младите луѓе денеска покажаа бескрајни можности работејќи со микро бит. Најголемата предност на овој уред е тоа што технологијата повеќе не е присутна само на СТЕМ субјекти, туку има своја употреба и во учење на јазици, музика, историја, географија – рече Магда Вуд, претседател на жири-комисијата и раководител на учење во Микро бит фондацијата.

Програмата „Училишта на 21 век“ ги поврзува сите ученици од земјите од Западен Балкан на заедничка платформа со 10 водечки светски земји во областа на математиката и науката.

Тригодишната програма „Училишта на 21 век“ во Македонија и во другите земји од Западен Балкан ја спроведува Британскиот совет, во соработка со релевантните министерства и институции од областа на образованието. Програмата опфаќа над 4.000 училишта во регионот за кои обезбедува ресурси, алатки и тренинг за да можат сите ученици да добијат можност да се стекнат со вештини на иднината.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »