Промовирани огласи »

Кој не ако Evan Blass! Популарниот твитерџија кој ги протекува сите уреди во супериорни детали, сега ни го претстави најочекуваниот смартфон за овој месец, Galaxy S8. Него веќе го видовме во неколку протечени фотографии и видеа досега, но оваа е со убедливо највисока резолуција и јасност и може уште отсега да заклучиме – Galaxy S8 сигурно ќе биде бестселер. Бонус – одлични протечени фотографии и од BGR.

Сега, скоро и да нема нешто што не е познато за двете нови S8-ки. Стандардниот модел ќе има 5,8 инчен дисплеј, додека S8+ ќе има 6,2 инчен дисплеј. Ви се чинат премногу големи? Како и LG G6 и тие ќе имаат висок и тесен сооднос на страните од 18,5:9, што значи дека ќе бидат полесни за држење со една рака.

Околу дисплејот рамката ќе биде минимална. Таа е особено намалена во горниот и долниот дел, додека страните ќе бидат закривени како кај “Edge” моделите досега. Поради малата рамка, читачот за отпечатоци ќе биде поставен назад до камерата, додека навигационите Android копчиња ќе бидат заменети со виртуелни во самиот оперативен систем.

Galaxy S8 ќе биде вистински ѕвер од смартфон, со освежена камера, нови моќни процесори, подобрен софтвер со нов Bixby дигитален асистент и DeX можност за користење на смартфонот како десктоп компјутер итн. Galaxy S8 ќе биде официјално претставен на посебна промоција во Њујорк на 29 март, но сигурен сум дека до тогаш ќе имаме уште по некоја информација, фотографија или видео.

Промовирани огласи »

Доколку отсекогаш ви било желба да го посетите (или да се преселите во) Нов Зеланд, сега ви е шансата!

Технолошката индустрија во Велингтон, Нов Зеланд, регрутира експерти од целиот свет, и нуди еднонеделно бесплатно патување за 100 кандидати! Има само една мала финта – морате да докажете дека ја сакате работата и заслужувате интервју.

Овој проект го нарекоа “Глобална програма за привлекување на таленти”, и на 100 потенцијални кандидати ќе им биде платено патувањето и сместувањето во Нов Зеланд цела недела. Се бараат софтвер-девелопери, креативни директори, продукциски менаџери, аналитичари и дигитални стратези.

Доколку мислите дека вредите, или едноставно сакате да си ја испробате среќата, можете да аплицирате до 20 Март на www.wellingtonnz.com/work/looksee-registration/, а до тогаш еве ви видео за мотивација:

Промовирани огласи »

Јапонката Масако Ваками (81) се разбира во програмирање подобро од сите нејзини врсници, затоа што во деветтата деценија направила своја прва мобилна апликација.

Пред дапочне да се занимава со програмирање, на свои 60 години, имала 43 години работен стаж во една од водечките јапонски банки. Во чест на јапонскиот Ден на девојките, направила апликација за iOS која корисниците ги учи како правило да ги постават куклите за фестивал.

Хинадан апликацијата од корисниците бара поставување 12 кукли на одредени позиции и играта се завршува кога ќе ги распоредите на правилен начин.

Освен што прави апликации, Масако пишува и блог на јапонски и англиски, дели снимки од нејзините патувања и држи обуки за употреба на Excel за изработка на уметнички дела.

Промовирани огласи »

Разговараме со Дејан Џолев, сопственик на едукативниот центар „Џолев и уметностите“ кој нуди курсеви за фотографија, сликање, филм, актерство...

Од кога постои „Џолев и уметностите“?

- Во април годинава полниме цела рака. Пет години. Последниот роденден го прославивме со класичен квартет и шарени колачиња!

Фотографија: Христијан Исајловски

Кои се курсевите што ги нудите и кому се наменети?

- Во моментов, активни се три програми и тоа: „Курс по фотографија“, „Курс по цртање и сликање“ и „Обука за филм и филмски актер“. Започнуваме во средината на месец март, додека пријавувањето за сите заинтересирани е во тек. Програмите се практични за сите коишто посакуваат ново хоби или остварување на стара желба, но секако дека се апликативни и за оние коишто посериозно ги практикуваат овие визуелни уметности, сеедно дали се подготвуваат за приемен испит на факултет или пак, се во потрага по нови професионални и креативни предизвици. Наменети се за посетители на возраст од 7 до 77... И можеби најсуштинското, програмите се наменети за сите оние кои се подготвени за искрени насмевки! :)

Кој сѐ е вклучен во вашиот тим?

- Јас би ги поделил на два тима. Логистичкиот тим кој се грижи за реализација на програмите и вториот тим од предавачи, најчесто универзитетски професори, професионалци од своите уметнички медиуми, идоли - „ѕверки“!

Фотографија: Христијан Исајловски

Уметноста тешко се учи и тешко се пренесува. Што ве прави различни од другите?

- Практичното образование! Работа на реални проекти со завршна промоција, секако истото под менторство на значајни имиња. Различни сме поради тоа што сме единствена школа за уметност и сите програми произлегуваат од уметностите или науките блиски на уметноста. Кај нас нема курсеви за тоа како да лакирате нокти. Ние кон образованието не пристапуваме индустриски, ние не штампаме програми, нашиот третман е внимателно сегментиран, високо морален, но истовремено и бунтовен кон традиционалниот образовен систем. Создаваме нови образовни форми, а меѓу другото и ги стипендираме средношколците со просек под 3,9. Различни сме затоа што во нашето студио се зборува за образование, култура, уметност и љубов и секогаш мириса на ванила.

Кои се последните новости поврзани со „Џолев и уметностите“? Што може да очекуваме во блиска иднина?

- Овој март нѐ очекува учеството на манифестацијата „Fashion & Lifestyle Expo“, кадешто  модните дизајнери од програмата „Обука за моден дизајн“ ќе ги претстават своите дизајнерски трудови. Додека пак, во просториите на „Pablic Room“се подготвуваат две изложби од програмите „Курс по фотографија“ и „Работилница по сликање“. Оваа пролет шоуто ќе продолжи со промоција на првите три академии од „Џолев и уметностите“. Ова веќе подолго крчка, всушност веќе врие, но за ова уште малку би молчел! :)

Колку и како вашите курсеви им помагаат на учениците професионално да се профилираат и знаењето професионално да го применат?

- Горан Поповски (HLVK) подготовките за упис на „Академија за уметност“ во Нови Сад ги помина во нашето фотографско студио посетувајќи ја програмата „Курс по фотографија“, а денес, меѓу другото е фотограф на магазинот „Портрет“. Леон Ристов штотуку се врати од Берлинскиот филмски фестивал, со актерскиот ангажман во „When the day had no name“. Тој првите актерски техники ги развиваше токму со Теа Беговска во програмата „Обука за филм и филмски актер“, а денес секојдневно му пристигаат покани за студии на престижни филмски универзитети. Се разбира, тоа се и природно талентирани личности, но во секоја развојна фаза покрај поддршката од родителите, несомнено е важен образовниот аспект, искрен, темелен, провокативен! Ние не вработуваме, ние сме способни да ве разбудиме и подготвиме, за подоцна вие самите да изберете каде да се вработите или да студирате.

Во продолжение програмите на Џолев и уметностите:

ПРОГРАМА КУРС ПО ФОТОГРАФИЈА: http://wmk-ci.xsoftstatic.com/Write/07014/Files/Photography.pdf

ПРОГРАМА ОБУКА ЗА ФИЛМ И ФИЛМСКИ АКТЕР: http://wmk-ci.xsoftstatic.com/Write/07014/Files/Film.pdf

ПРОГРАМА КУРС ПО ЦРТАЊЕ И СЛИКАЊЕ: http://wmk-ci.xsoftstatic.com/Write/07014/Files/Painting.pdf

ПОВЕЌЕ НА ФАН ПЕЈЏ: https://www.facebook.com/DjolevAndArts/

 
Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »